Незири: Опозициските партии на Албанците од бојкот на парламентот преминаа во посети на собраниски канцеларии

Ултиматумите на т.н опозиција почнаа да се претвораат во молитви упатени до претседателот на Собранието во врска со изборот на нивен член во Државната изборна комисија, изјави денеска Аднан Незири, координатор на пратеничка група на Алијанса за Албанците, во реакција на изјавата на пратеникот Фадил Зендели од Европскиот сојуз за промени, кој денеска од новиот собраниски спикер Јован Митрески побарал да се деблокира процесот за избор на член на ДИК.

„Од бојкотот на парламентот преминаа на посети на собраниските канцеларии. Повторуваме, правото да се биде член на ДИК е право од кое не може да се отстапи со добра или лоша желба на претседател на парламентот, кој и да е тој, но тоа е право што се добива со гласот на народот на последните избори. И на последните избори народот реши да ѝ го додели местото на ДИК на Алијансата за Албанците. Свое место во ДИК има и Фадил Зендели и движењето Беса преку СДСМ бидејќи беа во коалиција, исто така Изет Меџити е претставен преку ДУИ“, рече Незири.

 

Тој вели дека не се откажуваат од местото во ДИК и додава оти ако треба тоа ќе остане испразнето и за време на изборите.

„Може и вака да остане. Ако не дојде до 80 гласа, вака ќе си продолжи. Се знае дека член на ДИК се именува, а за да се избере треба да се гласа и нормално дека ако не дојде до 80 гласа ќе остане во ваква ситуација како што е“,рече Незири.

Претходно, по средбата со Митрески, Зендели во изјава за медиумите рече дека процесот за избор на нивен член на ДИК е заглавен кај претседателката на Комисијата за прашања на избори и именувања, Марија Георгиевска и доколку таа во наредните денови не ја деблокира работата на Комисијата, најави кривична пријава против неа. Посочи дека целата постапка се искомплицирала од претходниот претседател на Собранието Талат Џафери, кој, како што рече, дал можност на една новоформирана партија која нема законски надлежности да преземе член на ДИК.

Местото во ДИК остана празно откако Кренар Лога стана министер за правда, а сега тоа треба да биде пополнето со претставник од опозицијата.

За член на Државната изборна комисија пријавени се два кандидата – Абдуш Демири, поддржан од опозициските партии на Албанците, обединети во коалицијата „Европски сојуз за промени“ и Зулфи Адили поддржан од Европската народна партија на Аријанит Хоџа.

Back to top button
Close