Ни истече времето
Денко Малески
Какво време е ова, време на војни или време на реформи? Алиби прашање за нашата децениска неспособност да стасаме до зацртаната цел –членство во ЕУ. Но, вистина, какво е ова време? Можеби зборовите на Чарлс Дикенс се добра илустрација и за нашево време: “Беа а тоа најдобри времиња, беа тоа најлоши времиња, беше тоа време на мудрост, беше тоа време на глупост, …беше тоа пролет на надеж, беше тоа зима на очај… имавме се пред себе, немавме ништо пред себе…“.

Сепак, мислам дека, во макдеонскиот случај,неуспесите се должат и на фактот дека во свет кој постојано се менува, 35 години се премногу некој да не чека. Со „правдата“ на чело, не разбираме дека политиката е игра на двојни стандарди во која ќе се бориш за победа и кога ги менуваат головите во текот на играта и кога ќе играш кошарка со рагби-топка. Но, набргу можеби ќе рабереме едно нешто: дека во анархичното меѓународно општество на држави во кое важи начелото на „самопомош“, ни истече времето за оваа Европска унија. Подобра среќа за она што следи! А, што следи?
Според доброто сценарио, следат времиња на смена на сегашните европски политичари и времиња на неизвесност за иднината на ЕУ. Според најлошо, следат времиња на распаѓање на ЕУ. Кој, во досегашната игра, ќарил, ќарил, кој изгубил, изгубил. Се подготвува нова игра за која ќе одлучуваат други кои се членки на ЕУ, aма не и Македонија. Имено, победата на Русија во војната во Украина ќе биде земјотрес кој ќе ги разниша или, можеби, дури и ќе ги разруши евро-атлантските политички структури. Едно е сигурно: „грдата победа“ ќе ја затруе политичката атмосфера во Европа за децении однапред. НАТО ќе го загуби кредибилитетот, а американската моќ ќе се помести од Европа во Азија. Да се надеваме само дека повлекувањето на американските војски нема да биде нагло и хаотично и дека ќе Америка ќе и даде време на Европа да се консолидира. Но, Европа нема да се тресе само од удари од глобалната политика која од униполарна стана мултиполарна со три големи сили во игра, Америка, Кина и Русија, туку и од очекуваните тектонски поместувања дома, како последица на наредните избори кои се на прагот во европските земји. Особено во Германија, Франција и Велика Британија. Анализи се во тек.
Би поверувале ли во прогнозата на најтемното сценарио за нас како мала земја, дека првата држава која ќе ја напушти ЕУ ќе биде Германија? Би поврувале ли во анализите кои велат дека на новата генерација Германци им е доста од досегашните политики на нивните влади, дека сакаат да се ослободат од чувството на вина за злосторствата на нацистите и да се исправат во достоинство, да престанат да бидат финансиери на идејата за ЕУ како зона на мир и демократија занемарувајќи ги сопствените интереси, да престанат да бидат прибежиште за милиони мигранти, да престанат да бидат држава која се откажува од ефтина руска енергија во име на евро-атлантската солидарност, да престанат да бидат држава која нема ефикасна армија за да се одбрани? Америка на Донал Трамп го покажува патот со слоганот:„ Америка на прво место“. Нема ли, набргу, после наредните избори , да биде „Германија на прво место“ и „Франција на прво место“, и така сите по ред? Размислува ли некој во македонските научни и политички институции за последиците од ваквата можна ситуација во која би се нашла нашта држава? Прашувам, а го знам одговорот: не! Затоа, и во новата геополитика, во новата трка, повторно, во најдобар случај, ќе доцниме. А во најлош?
Обидувајќи се да се оправда за неуспехот да го фатиме, овој пат, можеби навистина „последниот воз“ со Албанија, актуелната македонска политика зборува дека сме биле некакви „технички шампиони“ ама не кочеле некакви „политички“ проблеми – некогаш со Грција, денес со Бугарија. Зарем навистина не разбираат дека дисциплината во која што трчаат се вика „меѓународна политика“ а не „меѓуародно право“.
Разликата не морам повеќе да ја објаснувам: погледнете ја војната во Украина и нејзиниот крај, и ќе ви биде јасно што е „право“ а што е „политика“. Зборот ми е, во моментов го пропушивме овој кус временски теснец низ кој се протна Албанија, кога старата гарнитура на европски политичари игра на картата на руска опасност нејзините војски да вмаршираат во Париз и во Берлин, за да ја „заокружи“ Унијата со својот заден двор – Западниот Балкан. Новата политика на европската десница која се очекува да победи на наредните избори, следјќи го Трамп, но и промените кои ги бараат нивните народи, ќе има поинаков однос кон Руисја и кон проширувањето. Десничарите во Германија („на прво место“) и во Франција („на прво место“) нема да играат на картата на руска опасност туку ќе почнат дијалог со Москва. Како тоа ќе се одрази врз нашата држава и нема ли дури тогаш да видиме што е стоење во место.
Што можеме да сториме брзо по прашањето за прием во ЕУ? Сега – ништо. Сите досегашни обиди ни пропаднаа. Во поголема неволја сме одошто мислиме.Зошто? Теоријата и праксата на национализмот вели дека ако играш на картата на национализмот, потребен ти е непријател за да дојдеш и за да останеш на власт. Бидејќи ние не сме исклучок од светот, разбираме која била причината што власта на ВМРО-ДПМНЕ , наместо да ги затоплува, ги залади односите со Грција во време на Груевски и зошто истата партија, денес со Мицковски го прави истото со Бугарија. Оттаму, мораме да и погледнеме на вистината в очи: за владеачките македонски националисти нема решение за нашиот „политички“ проблем со Бугарија. Во променетите европски околности, пак, кога нема веќе да важи либералното гесло „Европа на прво место“, најдобро ќе беше да имавме добри односи со сите соседи. Но, што зборувам јас: да имавме добри односи со сите соседи ќе бевме членка на ЕУ. Затоа, оставени на самите на себе, ќе стоиме во место уште долго време. Домашните последици од таа стагнација кои ќе бидат лоши и за кои веќе сум напишал, допрва ќе ни се кажат. И камо да грешам во сето ова што, како политичка прогноза, го напишав во овој текст.






