Ни левица ни десница – пред сè, правна држава

Економија – правда. Повеќе пари и повеќе ред во државата, порача Заев, прогласувајќи изборна победа. Нема никакво сомневање дека мошне долго очите на македонската јавност се свртени кон функционирањето на правдата, а што во изминатите три години требаше да зацврсне како еден од носечките столбови на заложбите на владината коалиција, со цел да се врати довербата на граѓаните и избирачите во институциите на системот. А и „тивкиот глас“ на многумина од оние кои не излегоа да гласаат, смета лидерот на СДСМ, е став кој бара токму правда.

Меѓузависноста на парите и владеењето на правото, на поделбата на финансискиот колач и стабилноста на правната држава, се покажа како едно од клучните прашања поради кое Самитот на лидерите на ЕУ за буџетот и програмата за помош за санирање на економските последици предизвикани од корона пандемијата, се развлекоа во маратонски преговори.

 

Постигнатиот ЕУ-компромис е тежок за да биде лесно проголтан, особено меѓу граѓаните во “четирите штедливи членки“, Холандија, Шведска, Данска и Австрија, кои беа поддржани и од Финска, чии заложби најпрвин беа на европските земји, преку строги контролни механизми, условно да им се дадат кредити, а не неповратна помош.

 

Мачните преговори сепак завршија со компромис, при што „штедливата четворка“ се обиде да ја објасни својата попустливост, бидејќи доколку формулациите поврзани со гаранции и почитување на правната држава значат дека може да се спречи натамошно влошување на состојбите во некои ЕУ-членки, пред сè во Полска и Унгарија, тогаш постигнатата спогодба на самитот содржи во себе и нешто добро и суштински важно, кога станува збор за зацврснувањето на стабилноста на целата Унија.

 

ЕУ во најширока смисла треба да го оправда своето постоење така што ќе бидат загарантирани правата на слободни граѓани во демократски земји-членки. Токму затоа околу таа точка тешко се прифаќаат компромиси. Во последно време развојот во Унгарија и Полска, кога станува збор за функционирањето на демократските правила и принципи, меѓу другото со ограничување на независноста на судовите и на медиумските слободи, наидува на остри критики.

 

Но веднаш по завршувањето на самитот се слушнаа и разочарувачки реакции, дека барањата за почитување на принципите на правната држава, како предуслов за добивање неповратна помош од ЕУ-фондовите, во завршните формулации на самитот се всушност разводенети и полабаво поставени. Згора на тоа и унгарскиот премиер Орбан, кој претходно се закануваше со вето доколку “штедливата четворка“ продолжи да инсистира на гаранции за праваната држава, надевајќи се, како и обично, дека моќната Ангела Меркел ќе му прогледа низ прсти, веднаш по постигнувањето на спогодбата на прес-конференција прогласи победа.

 

Од друга страма, правдајќи се од нападите на опозицијата дека било дозволено разводнување на критериумите, шведскиот премиер Ловен ги отфрли таквите напади, тврдејќи дека ЕУ-спогодбата содржи формулации според кои квалификувано мнозинство во Европскиот совет, составен од политичките лидери во секоја членка, ќе може да ја сопре економската поддршка не само кога некоја земја ги злоупотребува средствата од добиените неповратни грантови, туку и кога ги крши принципите на правната држава.

 

Како тоа ќе се толкува во иднина е всушност решавачко за компасот со кој ЕУ ќе се движи низ тешко проодниот терен по пандемијата, како и дали кризниот компромис ќе преживее за да биде оценет како нужно зло или пак како непотребно скапо фијаско.

 

Тоа што Виктор Орбан, поради чие инсистирање и се внесени „разводнети“ формулации во спогодбата, се прогласил како победник, не внесува пријатни тонови во ЕУ-дебатата. Но европските лидери заминаа од самитот со уверување дека Европскиот совет мора да настапи цврсто и консеквентно доколку во земји-членки зголемуваат закани против слободата на медиумите и независноста на правосудството. Доколку се покаже дека компромисните формулации за правната држава, внесени во спогодбата, не се доволни, или доколку не постои волја за нивно почитување, тогаш заклучокот би бил поинаков, односно дека ЕУ-самитот за буџетот и кризните форндови за обнова всушност го отворил теренот за поттикнување на натамошна деструктивна ЕУ-криза.

 

Многумина не ги следеа со симпатии на заложбите на холандскиот премиер Марк Руте, неформалниот лидер на „штедливата четворка“, кој одбиваше да има даде какви било подароци на земјите од Јужна Европа. Холандија, исто како и останатите од четворката, плаќа најголем нето-придонес во ЕУ-буџетот. Едновремено, сликата на холандската самодоверба, слично како и кај Швеѓаните или Данците, се засновува на традиционалната штедливост и висок работен морал – што се става во контраст со она што се сфаќа како јужноевропска лежерност и мрзливост.

 

Доколку ЕУ не успее да ги воспостави слободите и правата на граѓаните во земјите-членки – каква би била тогаш смислата на нејзината егзистенција? Особено сега, кога во услови на засилени авторитарни тендеции во низа змеји, се очекува ЕУ да функционира како стабилна противтежа на глобален план.

 

Што се однесува до Македонија, веројатно не е тешко да се заклучи дали функционирањето на правната држава ќе се најде во фокусот на претстојните преговори за ЕУ-членство. Последниот ЕУ-самит јасно покажува дека ќе нема попустливост.

Ни левицата ни десницата во Македонија не успеваат да излезат од недоволно идентификуваниот и дефиниран простор во кој се лансираат партиско-политички изборни програми, од нудење на некаква замаглена револуционерна правда па сè до невкусни лажни ветувања за брз прогрес. Македонија ќе мора да се вклучи на главната европска магистрала. Споредни патишта за „фаќање кривини“ едноставно нема.

 

Ивица Челиковиќ

 

 

Back to top button
Close