„Ни влегува дома преку аспираторите“: Станари на „Балзакова“ се гушат во мирис на марихуана

Животот во колективни згради носи предизвици, но станарите на една зграда на улицата „Балзакова“ во скопската населба Кисела Вода се соочуваат со проблем кој ги надминува вообичаените соседски расправии. Наместо мирис на ручек, во нивните станови преку системот за вентилација секојдневно се шири интензивен и препознатлив мирис на марихуана.

Според сведоштвата на револтираните граѓани, проблемот ескалирал во последниот период, а смрдеата е присутна речиси постојано, што создава неподносливи услови за живот, особено за семејствата со мали деца.

„Пасивно пушење“ во сопствена кујна

Изворот на проблемот е заедничкиот вентилациски канал на зградата. Станарите објаснуваат дека некој од соседите, веројатно „уживајќи“ во недозволени супстанци под вклучен аспиратор, го испраќа чадот низ целата вертикала.

„Не можеме да седиме во дневна или кујна. Мирисот е толку јак што имаме чувство дека некој пуши џоинт до нас. Влегува директно преку цевките од аспираторите и се шири низ становите. Ова е малтретирање“, коментираат станарите.

Дилема: Соседски разговор или полициска рација?

Ситуацијата во зградата е напната. Иако повеќето станари се жалат, сè уште не е преземен конкретен чекор бидејќи не можат со сигурност да лоцираат од кој стан точно доаѓа мирисот.

„Не сакаме да бидеме кодоши, но ова веќе не се издржува. Ако не престане веднаш, немаме друг избор освен да повикаме полиција да изврши претрес таму каде што се сомневаме“, велат жителите на „Балзакова“

4news mk

Back to top button
Close