Ние нашето го завршивме, вели Димитровска за ТОЕФЛ-сертификатот на директорот на АНБ
Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) не е истражен орган, ниту е орган на прогон, ниту располага со правни механизми за да ја потврди веродостојноста на ТОЕФЛ-сертификатот на директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски.
Ова, бранејќи ја одлуката на ДКСК да се прогласи за ненаделжна по ова прашање, го кажа претседателката на Комисијата, Татјана Димитровска во вечерашното гостување во Дневникот на ТВ Сител.
Надлежен да го стори тоа, како што кажа таа, е Јавното обвинителство каде е отворен предмет по поднесена кривична пријава. Нивното, вели Димитровска, тие го завршиле.
„Согласно Законот за кривична постапка, согласно Законот за меѓународна соработка во кривична материја Јавното обвинителство постапувајќи по кривична пријава веќе има отворено предмет за обезбедување докази со помош на меѓународна правна помош дали овој сертификат е валиден или не. Пред донесувањето на оваа одлука доставивме барање со информации до Основното јавно обвинителство кое не информира дека постапката за потврдување на сертификатот за англиски јазик е во тек. Што значи дека не само што немаме надлежност, туку и не смееме да се однесуваме како судии. Сепак ние нашето го завршивме“,
вели Димитровска.
Како споредба, таа наведе случај од 2021 година за кој постапувал претходниот состав на Антикорупциска и донел одлука да ја запре постапката. Предметот се однесувал исто така за сертификат за познавање на англискиот јазик од истото училиште од кое е и ТОЕФЛ-сертификатот на директорот на АНБ.
„Што значи, повторно укажувам, дека нема разлика во постапувањето на овој и претходниот состав во однос на надлежностите кои ги има во делот на потврдување на сертификатот“рече претседателката на ДКСК.
На забелешка од новинарката дека за разлика од 2021, оваа година има две судски пресуди за директорки кои приложиле лажни сертификати од истото училиште како и Христовски претседателката на Антикорупциска рече:
„Точно, знаеме во јавноста дека има два судски предмети во кои обвинетите имаат признато вина за сертификат од истата агенција. Токму заради тоа во конкретниот случај се обративме до надлежните институции, во случајот во Јавното обвинителство кое треба да си преземе одговорност и да ја утврди веродостојноста на овој сертификат“
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) минатата недела вчера расправаше за случајот со (не)законитоста на именувањето на Бојан Христовски за директор на Агенцијата за национална безбедност отворен поради сомневањата за валидноста на неговата факултетска диплома и на ТОЕФЛ-сертификатот за познавање на англискиот јазик.
Предметот на седницата го реферираше антикорупционерката Цвета Ристовска, која ѝ предложи на Комисијата, а таа едногласно прифати да го затвори предметот за Христовски.