Ние сме македонски свет, вели Муцунски по критиките дека власта ја турка државата кон „српски свет“

Не треба да има дилема за нашите стратегиски правци, вели министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски по критиките дека власта ја турка државата во т.н. „српски свет“.

Како пример посочи дека актуелната влада потпишала договор за партнерство во одбраната и безбедноста со Европската Унија, но и Декларација за стратегиско партнерство со Обединетото Кралство и со Унгарија. Спомена и лични заслуги.

„Бев и сум досега единствениот министер за надворешни работи од Западниот Балкан кој бил примен од државниот секретар Рубио во американскиот Стејт Департмент, што значи сме меѓу тие кои најангажирано работиме на тековни проекти со администрацијата во Вашингтон, но факт е дека имаме обврска да соработуваме и со нашите соседи“ рече Муцунски на денешната, заедничка прес-конференција со министерот за надворешни работи на Кралството Мароко, Насер Бурита, кој е во посета на земјава.
Министерот обвини дека критиките за т.н. „српски свет“, доаѓаат од поединечни поранешни функционери за кои, како што тврди тој, во период на нивните мандати имале многу повеќе средби со колегите од српска страна. Кажа и конкретни бројки.

„Веројатно на јавноста ќе ѝ биде интересно да дознае дека поранешниот претседател, Стево Пендаровски, во текот на неговите 5 години како претседател на државата, најмногу средби имал со претседателот на Србија, господинот Вучиќ. Деветпати се сретнале, повеќе од со кој било друг претседател. Поранешните претседатели на влади од редовите на СДСМ имале над 22 билатерални средби во период од 7 години со нивните колеги од Србија. Активен на оваа тема слушам е и поранешниот министер за надворешни работи, Бујар Османи. Во четири години – 11 билатерални средби со неговите колеги од Србија. Јас не ценам дали е тоа добро или лошо, јас повторувам, како министер за надворешни работи, ние треба да соработуваме со сите, но не може вие да критикувате ангажман со кој било наш сосед, а историски бројки да сте имале токму со претставници на тие соседи. Ние сме македонски свет и ние гледаме да ги шириме интересите на нашата надворешна политика“ рече Муцунски.

Инаку, поранешниот претседател Стево Пендаровски, во интервју за „Лајм“ пред неколку дена кажа дека претходната владејачка структура направила исчекор во меѓуетничките односи, додека оваа структура дава знаци за „српски свет“.

„Структурата која во 2017 дојде на власт, на чело со Заев, со сите мани кои може да му ги припишете на тој човек, во делот на меѓуетничките односи направи крупни чекори, додека сега оваа политичка структура дава очигледни знаци дека тој таканаречен ‘српски свет’, или пошироко кажано ‘руски свет’, јас би го нарекол и регионално ‘унгарски свет’, воопшто не им е туѓ. Не може вие да тврдите дека сте за вистинските европски вредности и сакате да ја позиционирате Македонија во ЕУ, каде се знаат кои се вредностите, а да зборувате за специјални економски односи и партнерство со Виктор Орбан, кој е сè само не Европеец“ кажа Пендаровски.
Претходно и од ДУИ реагираа дека во Владата има „српски свет“ кој промовира руски наративи алудирајќи на вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, кој е единствен владин претставник кој присуствува на настани организирани од Амбасадата на Москва во Скопје.

Back to top button
Close