Ние сме родителите што нема да дочекаат матура. Нема да стојат гордо на дипломирање. Нема да ги земат во раце внучиња, порачаа семејствата на загинатите во „Пулс“ на 35. Марш на ангелите

Со солзи и голема болка денеска маршираа низ кочанските улиците семејствата на загинатите млади луѓе во кочанската дискотека „Пулс“. Во емотивните говори на последниот Марш на ангелите оваа година порачаа дека ова не е само марширање, туку одење со срце што е скршено засекогаш.

-Ние сме родителите што нема да дочекаат матура. Нема да стојат гордо на дипломирање. Нема да облечат свечена облека за свадба. Нема да ги земат во раце своите внучиња. Сè што требаше да дојде — ни беше одземено, рече Васка Стојанова мајка на загинато момче пред зградата на Основниот суд во Кочани и Јавното обвинителство.

Таа во говорот истакна дека  родителите на загинатите носат болка што не се опишува со зборови.

-Болка од последниот повик, од последната прегратка, од сознанието дека нашите деца умирале во ужас, во чад, во страв -оставени без заштита, без одговорност, без спас. Нашите домови се полни со тишина, со нивните соби што останаа исти, со облека што уште го носи нивниот мирис, со подароци што нема кому да се подарат. Пред Нова година и Божиќ, кога светот се радува, кај нас празниците болат најмногу. Ние ги броиме празните столчиња. Палиме свеќи таму каде што требаше да светат елки. Кај нас нема честитки — има солзи. Нема желби — има прашања без одговор. И не тагуваме само за нашите деца. Тагуваме и за нашите внучиња, деца што останаа без родители, порача Стојанова.

Се обрати и Александар Наунов татко на загината Надица, која утре требаше да го слави својот 18-ти роденден. Сите планови кои ги имале токму за утрешниот ден згаснаа на кобниот 16 март.

-Таа не замина по Божја волја. Таа беше земена. Земена од корупцијата, од немарот, од системот што требаше да штити, а не да убива. Од институции што потфрлија, од луѓе што свртеа глава, од полиција и власт што дозволија смртта да стане секојдневие. Од тој ден, јас повеќе не живеам како порано. Јас опстојувам како татко што останал без срцето. Единствената моја молба до Господ е да ми даде сила и живот да го дочекам денот кога ќе се избориме за правдата – за правдата на сите деца, а пред сè за правдата на моето дете, рече Наунов.

На 35. Марш на ангелите со емотивна порака се обрати и Мита Тасева мајка на диџејот, кој таа вечер пуштал музика и работел во дискотеката „Пулс“. Розета Блажева сестра на загинато момче ја прочита песната „Нова година без ѕвона“ посветена на 63-те жртви. Семејствата на загинатите млади луѓе денеска маршираа од Паркот на револуцијата, поминувајќи низ Трговскиот центар, Полициската станица и завршувајќи кај зградата на судот во Кочани. Порачаа дека бараат правда за предвреме згаснатите животи на нивните деца, браќа и сестри, а со Маршевите на ангелите продолжуваат наредната година по Божиќните празници.

Back to top button
Close