Нигериската влада формално го одобрила нападот на САД врз терористички цели во земјата

Шефот на нигериската дипломатија, Јусуф Тугар, изјави дека нигериската Влада формално го одобрила неодамнешниот воздушен напад на САД врз терористички цели во земјата, обезбедувајќи разузнавачки информации што доведоа до операцијата.

Во разговор за телевизијата „Ченелс“, Тугар изјави дека нападот е резултат на континуирана безбедносна соработка меѓу Нигерија и САД и дека е извршен со согласност на нигериските власти и без никакви религиозни мотиви, пишува „Гардијан Нигерија њуз“.

„Нигерија е таа што ги обезбеди разузнавачките информации. Вчера имав 19-минутен телефонски разговор со американскиот државен секретар, Марк Рубио. Разговаравме опширно и се согласивме дека ќе разговарам со претседателот Тинубу тој да даде зелено светло“, рече министерот.

Според него, договорена е заедничка комуникациска стратегија со цел јасно да се нагласи дека ова е антитерористичка операција во рамките на соработката меѓу двете земји.

Тугар нагласи дека Нигерија останува посветена на соработката со сите меѓународни партнери во борбата против тероризмот, без оглед на религиозната или друга припадност на жртвите.

„Нигерија остана доследна во својот пристап, а тоа е соработка со сите партнери кои се посветени на борбата против тероризмот, без оглед на религијата, кои се жртвите, дали се муслимани или христијани и без оглед на видот на тероризам. Значи, ова е континуиран процес“, рече Тугар.

Министерот оцени дека нападот ја потврдува подготвеноста на администрацијата на претседателот Тинубу да дејствува решително во партнерство со сојузниците за да ги заштити животите на цивилите, нагласувајќи дека целта на операцијата е исклучиво безбедноста.

„Тоа нема никаква врска со религијата, тоа е заштита на Нигеријците и невините животи на Нигеријците или ненигеријците. Тоа беше јасно. Разговаравме двапати. Разговаравме 19 минути пред нападот, а потоа повторно разговаравме уште пет минути пред да продолжи“, објасни нигерискиот министер.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, потврди дека нападот бил насочен кон осомничени терористички елементи во Нигерија, додека американските претставници изјавија дека операцијата се базирала на заедничко разузнавање и била спроведена во координација со нигериската влада.

Нигерија се соочува со долгогодишни безбедносни предизвици, вклучувајќи го и бунтот на Боко Харам и Исламска држава Западна Африка на североисток, како и бандитски и терористички напади на други места во земјата.

САД долго време ѝ обезбедуваат на Нигерија разузнавачка соработка и воена помош, додека директните американски напади на нигериска територија се ретки.

Back to top button
Close