Никита Мазепин пред деби во Формула 1, Русинот потпиша за Хас
Американскиот Формула 1 тим Хас соопшти денеска дека потпишал повеќегодишен договор со синот на рускиот милијардер Дмитриј Мазепин, додавајќи оти 21-годишниот Никита ќе и се приклучи на екипата во 2021 година.
Никита Мазепин во моментов е третопласиран во генералниот пласман во Формула 2 и следната сезона ќе му биде тимски колега во Хас на водечкиот во Ф2 Мик Шумахер.
– Среќен сум што ми се исполни мојот животен сон да станам возач во Формула 1, изјави Мазепи.
Неговиот татко Дмитриј, кој е сопственик на руската компанија Уралхем, во минатото се обиде да ја купи Форца Индија пред екипата да отиде во стечај во 2018 година.
Хас во октомври објави дека на крајот од тековната сезона екипата ќе ја напуштат Данецот Кевин Магнусен и Французинот Ромен Грожан, кој во неделата преживеа тешка несреќа на трката за Големата награда на Бахреин.