Никнуваат депонии од кабаст отпад до контејнерите во Струмица

Секојдневно се појавуваат нови депонии од градежен шут, стар намештај и гранки од дрвја околу и во контејнерите кои се поставени низ градот, а тие служат исклучиво само за смет од домакинствата, реагираат од ЈПКД „Комуналец“ од Струмица.

И покрај тоа што комуналците го собираат сметот два пати неделно низ четири реона низ градот и централното градско подрачје и низ три реони по населените места, а одржувањето на јавната чистота се врши со метење на улици низ градот со 9 екипи 6 дена во неделата, грдата слика од новите депонии е секојдневна.

-Голем број несовесни граѓани со тоа ја загрозуват својата безбедност, безбедноста на пешаците и возилата и создаваат лоша слика за градот. Правилното депонирање на кабастиот отпад и градежниот шут има директно влијание во зачувувањето на урбаната животна средина од аспект на санитарно и еколошко значење, велат од струмичкото комунално претпријатие.

Додаваат дека според Законот за јавна чистота не е дозволено граѓаните и правните субјекти да го оставаат во или околу контејнерите за комунален отпад.

Затоа, апелираат до граѓаните ваквиот тип на отпад да го оставаат пред своите дворови и да се јават во Одделението „Комунална хигиена“ при ЈКПД „Комуналец“ за да може навремено да биде подигнат.

Back to top button
Close