Никој не е виновен за смртта на алпинистите Зоран Мајсторски и Драган Станишков во „Бучим“


Судската постапка за трагичната несреќа во рудникот „Бучим“ во која загинаа алпинистите Зоран Мајсторски и Драган Станишков заврши со ослободителна пресуда, односно Основниот суд Струмица донесе одлука дека никој не е виновен за нивната смрт, и петтемина обвинети беа ослободени од обвинение, објави телевизија „Кобра“.

Несреќата се случи на 13 октомври 2021 година во рудникот „Бучим“, во работната единица Флотација.

Зоран Мајсторски и Драган Станишков, искусни алпинисти ангажирани за чистење на висински недостапни силоси, беа затрупани од руда за само седум минути и починаа од задушување. По трагедијата, беше покрената истрага против неколку лица вработени во рудникот, со сомнение за пропусти во безбедноста при работа.

Обвинети беа петмина вработени во рудникот „Бучим“ за непочитување на безбедносни протоколи.

По повеќе од три години постапка, судијката Цона Каламерникова од Основниот суд Струмица донесе пресуда дека нема вина кај обвинетите и тие се ослободени од обвинение. Судот утврди дека не постојат доволно докази за кривична одговорност и дека трагедијата е резултат на несреќен случај, а не на намерни или грубо несовесни постапки, пишува „Кобра“.

Семејствата на загинатите изразија незадоволство од одлуката, сметајќи дека институциите не успеале да обезбедат правда.

(

Back to top button
Close