Никој не може со сигурност да каже дека во државата се продаваат безбедна козметика и детски играчки – извештај на државниот ревизор за ДСЗИ за 2024 г.
На рафтовите во продавниците во земјава постои ризик да се најдат козметички производи и детски играчки кои во себе содржат забранети супстанции, констатира, меѓу другото, Државниот завод за ревизија (ДЗР) во конечниот извештај за Државниот санитарен и здравствен инспекторат за 2024 година.

Причината за ваквата состојбата, според ревизијата на ДЗР, е тоа што листата на забранети супстанции во козметичките производи не е ажурирана ниту една еднаш од нејзиното донесување во 2010 година и не ја следи праксата на Европската Унија (ЕУ).
Во однос на детските играчки, државниот ревизор нотира дека во земјава ниту една лабораторија нема опрема за испитување на забранети супстанции (фталати и бор) во овие производи кои се увезуваат и пуштаат во промет на територијата на државата.
Никогаш ажурирана листа
Како што посочуваат од ДЗР, согласно членот 5 од Законот за безбедност на козметичките производи, во 2010 година Министерството за здравство има донесено листа на супстанции што не смеат да бидат користени во овие производи. Како забранети, делумно забранети или времено дозволени во листата се наведени околу 1 600 супстанции. Оттогаш до денот на ревизијата оваа листа ниту еднаш не е ажурирана, нотира државниот ревизор.
За разлика од кај нас, во изминатите 16 години на ниво на Европската Унија оваа листа е повеќекратно ажурирана, и до денот на ревизијата броела вкупно 1 751 забранета супстанција.
„Поради тоа постои ризик да се стават во промет производи кои содржат супстанции за кои на територија на ЕУ е утврдено дека се штетни по здравјето, а истите да не се забранети на територијата на нашата држава“се наведува во извештајот на ДЗР за извршената ревизија во Државниот санитарен и здравствен инспекторат заклучно со 31 декември 2024 година.
Државниот ревизор ја наведува и причината за ваквата состојба. Според ДЗР, таа е настаната затоа што во Законот за безбедност на козметички производи не е предвидена обврска за ажурирање на Листата на супстанции што не смеат да се користат во козметичките производи, како и нејзино усогласување со Европската листа.
Поради ова, државниот ревизор во извештајот истакнува дека е потребно Министерството за здравство, заедно со Инспекторатот и Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) да преземат активности за ажурирање на листата и истовремено да иницираат измени на Законот за безбедност на козметичките производи со кои ќе се воведе обврска за нејзино навремено ажурирање и усогласување.
Неопремени лаборатории
Ажурирањето на листа не е единствениот проблем со кој, според ДЗР, се соочуваат надлежните институции. Недостатоци има и при испитувањето на квалитетот и исправноста на козметичките производи. Имено, како што нотира државниот ревизор, Инспекторатот доставил известување до Министерството за здравство, во кое наведува дека „во рамките на државните лаборатории не се обезбедени услови и техничка опременост за испитување на сите забранети супстанции во козметичките производи“.
„Согласно информациите добиени од Инспекторатот, Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) врши само ограничен број анализи и тоа: микробиолошка исправност на производите, определување на содржина на само неколку тешки метали (кадмиум, олово, никел и хром), pH-вредност и определување на содржина на површинско активни материи“нотира извештајот.
Истовремено, од вкупно десет Центри за јавно здравје на територијата на државата, неколку се опремени да вршат само контрола на микробиолошката чистота на овие производи.
Недостиг од лаборатории
Овде ДРЗ нотира и дека ниту една лабораторија во земјава нема опрема за испитување на забранети супстанции (фталати и бор) во детските играчки кои се увезуваат и пуштаат во промет во државата. Институтот за јавно здравје, како што се наведува, врши одредени испитување за безбедноста на детските играчки, како што се миграција на тешки метали, специфична миграција на природни ароматични амини и испуштање на боја.
Проблемот што се јавува во конкретниот случај, а што го нотира ДЗР, е при вршењето надзор во одредена фирма или субјект кој врши увоз и продажба на детски играчки. Имено, во случај кога по извршениот надзор субјектот, односно фирмата би ги оспорила резултатите од првиот примерок, на што има право според членот 29-б од Законот за санитарна и здравствена инспекција, на територијата на државата покрај ИЈЗ не постои уште една лабораторија која би ги спровела испитувањата. Како што појаснуваат од ДЗР, анализата на вториот примерок не може да се довери на истата лабораторија, а сето тоа оди во насока на заклучокот дека во земјава не се обезбедени услови за целосно спроведување на постапката.
„Имајќи го предвид наведеното, ревизијата истакнува дека е потребно Министерство (за здравство), во соработка со Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) и Центрите за јавно здравје (ЦЈЗ) да преземат активности за опремување на лаборатории со соодветна опрема со која ќе се овозможи испитување на што поголем број забранети и штетни супстанци во производите и оневозможување истите да бидат пуштени во промет во државата“велат од ДЗР во извештајот.
Дополнително, ревизорот констатирал и други слабости во однос на инспекциските надзори што ги спроведува Државниот санитарен и здравствен инспекторат, а кои се однесуваат на фактурите и здравствените сертификати. Според ДЗР, овие документи се на повеќе странски јазици, што создава ризик инспекторите да не ја разберат во целост нивната содржина и да одобрат увоз на стоки без целосно потврдена веродостојност и здравствена безбедност.
Државниот ревизор утврдил и дека повеќе од 90 отсто од документацијата на субјектите што биле предмет на надзор од Инспекторатот не се архивски заверени и потпишани.
„Иако е предвидено субјектот предмет на инспекциски надзор согласно барањата во листите да изврши самопроверка и да ги пополни истите, а веродостојноста на наведените податоци да ја потврди со соодветни документи, во повеќе од 90% од предметите листите немаат печат, не се архивски заверени и потпишани и не се поткрепени со документација од страна на субјектот предмет на инспекциски надзор“се вели во извештајот на ДЗР.
Дополнително, во 63 отсто од ревидираните предмети каде постапката е запрена, не биле приложени докази, односно документација врз основа на кои инспекторите ја потврдиле утврдената фактичка состојба. Ова како што наведува ревизорот, не е во согласност со членот 9 од Законот за инспекциски надзор во кој е предвидено инспекторот да изведува докази во постапката на инспекциски надзор.
Недостигаат и инспектори
Во извештајот на ДЗР е нотирана и екипираноста на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, која ниту оддалеку не ги задоволува потребниот квантум на кадри.
„Инспекторатот е организирана во четири сектори од кои секторот за инспекциски надзор е составен од 15 подрачни одделенија ширум државата, како и три независни одделенија, но работните места во рамки на истите не се соодветно пополнети“се наведува во извештајот.
Образложено подетално, според утврденото од државниот ревизор, во Инспекторатот се вработени 66 лица, што е 59 отсто од вкупно предвидените работни места. Од вработените 43 се инспектори, од кои 58 отсто се на возраст над 50, а 42 на возраст над 60 години.
Ваквата состојба, се наведува во извештајот, влијае на квалитетот и квантитетот на извршените инспекциски надзори, го ограничува вршењето на дејноста и создава неизвесност при планирање на инспекциите во наредните години.
Како што нотира ревизорот, во текот на 2024 година од Инспекторатот во неколку наврати до Министерството за финансии доставувале Годишен план за вработување, но, повратниот одговор бил негативен. Образложението било дека планот не е изготвен согласно законските прописи или пак дека се доставува во изборен период. Поради ова во текот на 2024 година во инспекторатот немало нови вработувања или унапредувања на повисоки позиции.
„Имајќи го предвид наведеното ревизијата е на мислење дека е потребно одговорното лице на Инспекторатот во координација со Министерството за здравство и Министерството за финансии да преземе активности за одобрување на нови вработувања и унапредувања со кои постепено ќе се надмине недостигот на кадар“се наведува во извештајот на Државниот завод за ревизија.






