Николаидис за Канал 5: Лажен сертификат 10 евра, има и други казина кои работат идентично

Новинарот од грчката ТВ Опен Христос Николаидис кој ја направи видео сторијата за Канал 5 раскажува како ги добил првите сомнежи откако во мало место на грчка територија нагло се зголемил бројот на лица позитивни на корона вирусот. Заедничко за повеќето од нив, вели Николаидис, е што често ги посетувале казината во регионот на Дојран и Гевгелија.

-Како и што најверојатно знаете има строго правило од грчката Влада дека не можете да влезете во Грција, не можете да ја поминете границата ако немате негативен Ковид тест, дури и да сте вакцинирани или не. Ми кажаа и дека казината сакале да ја надминат оваа пречка ги нуделе овие Ковид тестови бесплатно. Но и ми кажаа и дека не само што е бесплатно туку и дека не мора да го направите тестирањето, вели Христос Николаидис – Новинар, ТВ Опен, Грција.

Па така Николаидис, како што и самиот ни потврди, озвучен и со мала видео камера, го посетил казиното Кинг слот принцес, а документот со негативен тест за вкупно 10 евра, бил издаден од лабораторијата Ели Медика Плус.

-Јас лично отидов во казиното, ја дадов мојата лична карта на вработената, и по 45 минути таа ми даде тест со негативен резултат. Со овој сертификат успеав и да ја поминам границата. Треба да дадете 10 евра за Ковид тестот и во исто време казиното ви дава чип од 10 евра за да можете коцкате, влеи Христос Николаидис – Новинар, ТВ Опен, Грција.

Дека се работи за казино Кинг слот принцес во Стар Дојран и лабораторијата Ели Медика Плус со седиште во Гевгелија потврдуваат и од Државниот санитарен и здравствен инспекторат кој по извршениот надзор во импровизираниот пункт во административниот дел на казиното затекнале тестирања кои ги вршеле три медицински лица во комплетна заштитна опрема. А евиденцијата покажала седум евидентирани тестирани лица.

„По завршување на надзорите ДСЗИ донесе решение за забрана на ДОО King Europe за

– вршење на здравствена дејност спротивно на прописите на Законот за здравствена заштита

– употреба на објект без претходна согласност или одобрение од МЗ

За ПЗУ Ели Медика Плус – решение за забрана за

– вршење на здравствена дејност спротивна на прописите за здравствена заштита

– употреба на објект без претходна согласност од МЗ“, велат од ДСЗИ.

Инспекторатот и забрани на Ели Медика Плус да врши Ковид тестирања во дојранските казина, а целата документација ќе му биде доставена на Министерството за здравство. Казиното пак доби забрана за вршење на здравствена дејност и употреба на просторот без претходна согласност од Министерството за здравство.

Во краток телефонски разговор со Ели Медика Плус од Гевгелија, не сакаа да коментираат за случајот, а никој не одговараше на фиксниот телефонски број на Кинг слот принцес во Стар Дојран.

Инаку лабораторија со името „Ели Медика“, секојдневно фигурира во дневните статистики на Министерството за здравство со над стотина тестирања дневно.

 

Back to top button
Close