Николоски: Министерството за транспорт нема надлежности за објектот на клубот „Пулс“
– Министерството за транспорт нема надлежности за објектот на клубот „Пулс“ во Кочани, кој е од Б категорија, зашто после донесувањето на Законот за децентрализација, Министерството е надлежно само за објекти од А категорија, информира денеска ресорниот министер и вицепремиeр Александар Николоски.
– Објектот е изграден во 1999 година според важечки план во рамки на општина Кочани. Изграден е како лесна незагадувачка индустрија и одреден период се користи како фабрика за текстил, а потоа како магацин. Потоа е дограден еден дел од околу 50-тина квадратни метри кој е легализиран во 2011 година согласно Законот за легализација на бесправно изградени објекти и е приклучен на постојниот објект. Тоа значи дека се е испочитувано од аспект на урбанистичко планирање, рече Николоски во одговор на прашање на денешната прес-конференција во Владата.
Проблемот, како што кажа, настанува во оној момент кога почнуваат адаптации и реконструкции на објектот во внатрешноста без никакво одобрение од никого и дополнително е ставен печат од лице од приватна фирма кое или не видело што се случува таму или видело, но го игнорирало.
Согласно актуелниот закон, како што појасни, Министерството за економија по службена должност требало во рок од три работни дена да ги провери исказите во изјавата на поднесувачот на барањето за лиценца дека објектот ги задоволува минималните пропишани одредби.
– Сметам дека ваквиот закон не е добар и мора да се смени. Мора да има многу појасна и многу поголема контрола од ова што е сега напишано. Сега е оставено на широко толкување – некој дава заверена изјава на нотар дека се е во ред, а некој службеник од Министерството за економија после тоа по службена должност прибавува документи и за жал ни се случи ова што ни се случи. Проблемот е што законот остава на совеста на подносителот на пријавата кој што гарантира со изјава пред нотар дека се исполнети сите услови, а при тоа нотарот нема начин како да провери дали е тоа така, потенцира Николоски.
Додаде дека Државниот пазарен инспекторат нема ни капацитет ни знаење да навлегува во сите аспекти на функционалноста на некој објект и токму затоа, како што кажа, дел од законските измени ќе одат во таа насока.