Николоски: Не добивме кредибилен демант дека во земјава не се следат граѓани со малициозен софтвер

Пратеникот и потпретседател на на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, вели дека не добиле кредибилен демант од власта дека во земјава се случува следење на граѓаните со т.н. малициозен софтвер, како и за тоа дали во С Македонија се произведува софтвер со кој нелегално можат да се следат комуникациите.

Николоски изјавата ја даде по денешната седница на собраниската Комисија за надзор на работата на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и на Агенцијата за разузнавање (АР).

На седницата, која беше затворена за јавноста поради класифицираноста на информациите, Комисијата ги разгледуваше извештаите на четири институции – Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање и военото разузнавање, кои ги побара пред два месеци во однос за софистицираните системи „Пегасус“ и „Предатор“ во врска со нивното производство, продажба, користење и можни злоупотреби откако Соединетите Американски Држави ја ставија на црна листа македонската фирма „Сајтрокс“ во врска со производство на таков т.н. малициозен софтвер во државава.
Тој на почетокот на прес-конференцијата нагласи дека извештаите, со исклучок на оној на военото разузнавање, биле класифицирани со ознаката „строго доверливо“ поради што рече дека не може да сподели детали, но може да каже неколку работи.

„Првото е во однос на користењето на таканаречениот малициозен софтвер. Имено прислушувањето во Европа веќе добива други димензии, а тоа е покрај следењето на гласовната комуникација односно телефонските повици и СМС-пораките, веќе има масовно следење на приватни фотографии, приватни видеа, средби кои што ги прават граѓаните помеѓу себе кои што можат да бидат документирани односно снимени, како и влегување во домот, односно сите користиме или најголем дел смарт телевизори кои што најчесто се поврзани на кабелски оператор и на тој начин телевизорите се користат како начин да се снимаат разговорите дома, аудио, а оние кои што имаат можност и видео и практично да се влезе во домот на секој граѓанин што ќе се согласите е застрашувачки. Како и да се прави профилирање на граѓаните преку локациите на кои што присуствувал, што исто така може да се следи со овие малициозни софтвери, веб-страниците коишто ги отворал, луѓето со кои комуницирал и на тој начин да се прави цел профил“,

рече Николоски.
Македонската компанија „Сајтрокс“ на „црната листа“ на САД поради шпионски софтвер

Од она што го слушнале на комисијата, Николоски изјави дека не добиле кредибилен одговор дека во Македонија не се прави вакво следење и оти тоа е максимум што може да каже бидејќи станува збор за државна тајна.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и член на собраниската Комисија рече дека кај нив како политичка партија постои сериозно сомневање дека се под континуирано физичко следење. Тоа, според Николоски, најверојатно се прави, како што кажа, од одредени структури кои се дел од безбедносниот сектор во државата.

Во врска со производството на малициозен софтвер за следење на комуникациите, тој ја посочи фирмата „Сајтрокс“ која е веќе на црната листа на САД поради ваквите активности.

Но, она што за него е позначајно од тоа дали се произведувал ваков софтвер е прашањето дали се користел.

„Затоа што тоа отвора многу сомнежи за слободата на движење на граѓаните, за приватноста на домот. Значи овие софтвери можат да влезат многу подлабоко од она што досега беше класично прислушување односно следење на комуникации преку гласовна комуникација и преку СМС-пораки“,рече Николоски на прес-конференцијата.

Пратеникот информира и дека на редовната есенска сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа, којашто трае една недела и ќе се случи во текот на втората недела на месец октомври, една од главните точки ќе биде злоупотребата на системите за следење „Пегасус“ и „Предатор“ коишто, како што посочи, се врв на овој т.н. таканаречен малициозен софтвер.

„Јас ќе учествувам на таа сесија и во таа дебата како што веќе учествував на сослушувањето кое што се случи во Париз за злоупотребата на ‘Пегасус’ и ‘Предатор’ каде што новинари и политичари од три земји, Шпанија, Полска и Грција сведочеа за своите лоши искуства со овој начин на следење. Значи темата е голема, огромна, Македонија ја афектира на два начини. Првиот начин е за жал преку производство на ваков софтвер којшто потоа е користен за којшто денес институциите немаат дадено одговор каде сè е продаден и во која се држава е користен. И вториот е следењето на комуникациите дома, затоа што како што кажав не добивме кредибилен демант дека тоа не се прави и во Македонија“,посочи Николоски.

Прашан што следно и стои на располагање на Комисијата и дали тука ќе застане целата работа, тој рече дека денеска работата на ова собраниско тело во врска со овие прашања била оставена отворена и за тоа наведе две причини.

Имено, како што првата причина е што ќе бараат од МВР, АНБ и од Агенцијата за разузнавање да ги декласифицираат информациите, односно да се избрише степенот на тајност – строго доверливо.

„Ако може во Советот на Европа, од каде да не заборавиме Европскиот суд за човекови права, којшто е надлежна институција, помеѓу другото и за злоупотреба на следење комуникации во Европа да има дебата којашто е целосно отворена и јавна и која ќе се случи во октомври каде ќе има верувајте многу поосетливи информации од тие коишто ние денеска ги добивме на Комисија. И, втората причина е, сакаме да видиме како ќе оди оваа дебата во Стразбур затоа што се очекува таму да се отвори дискусија којшто ќе стане обврзувачка за земјите членки на Советот на Европа значи и за Македонија, имајќи предвид дека и Македонија е земја членка“,рече Николоски одговарајќи на новинарско прашање.

Во продолжение можете да го погледнете видеото од прес-конференцијата на Николоски:

Back to top button
Close