Николоски објави документи на Фејсбук: Се гледа дека Ковачевски лаже, дури 70 отсто странци ќе го градат Kоридорот 8, без работни дозволи
Откако потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски вчера објави дека од вкупниот број работници кои ќе учествуваат во изградбата на автопатите од коридорите 8 и 10-д, само 30 отсто ќе бидат домашни, а останатите 70 проценти ќе бидат работници од странство и дека ќе се обезбедува работа на странци без работни дозволи и дозволи за престој, денеска тој на Фејсбук излезе со, како што тврди нови докази, кои се однесуваат на бројот на работници и планот за работа. Во планот, вели Николовски, дефинирано е колку работници ќе работат на автопатот и колку од нив ќе бидат од странство, а колку домашни.
„Два дена Владата молчи на новите сознанија поврзани со спорниот договор за автопатите кои ги изнесов во јавност. Затоа денес објавувам два документи кои според свиркачите кои ни ги доставија се дел од спорниот договор за изградба на автопатите. Се работи за план 11 од договорот што се однесува на бројот на работници и план за работа. Во него е дефинирано колку работници ќе работат на автопатот и колку од нив ќе бидат од странство, а колку домашни“,напиша Николовски на Фејсбук.
Според него, огромни пари ќе се одлеат надвор во услови на немаштија, односно, од вкупниот број работници, само 30 отсто ќе бидат домашни, а дури 70 отсто странци.
„Како што можете да видите на првиот документ/графикон со црвена боја се странските работници! Огромна бројка, огромни средства ќе се одлеат надвор во услови на немаштија. Од вкупниот број работници САМО 30 отсто ќе бидат домашни, а ДУРИ 70 отсто странци. Што значи дека 70 отсто од парите што македонските граѓани ќе ги дадат за изградбата на автопатот ќе одат надвор од државата. Наместо да се вработуваат домашни луѓе, Македонија ќе вработува странци! Притоа Ковачевски и Груби лажат дека најмалку 51 процент ќе бидат домашни работници, иако јасно може да се види дека 70 отсто ќе бидат странци“,
посочува потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Во вториот документ кој го објавии Николовски, има два сегменти, вели тој – точна бројка на странски и домашни работници кои ќе бидат ангажирани по години, како и уривањето на правната држава преку одобрението странци да работат без регулиран престој и почитување на законите.
„За странец да работи потребно е дозвола за престој и работна виза, само за работниците на автопатиштата на ‘Бехтел и Енка’ ова нема да важи, односно тие ќе можат да работат првиот ден откако ќе стапнат на македонско тло, додека ги чекаат соодветните работни дозволи и виза. А тоа значи дека можеби и нема да ги добијат. Затоа што е можно некој што има нечесни работи кон државата од безбедносен аспект, на пример, истиот да се инфилтрира во државата, да работи шест месеци и по шест месеци, барањето за работна дозвола да му биде одбиено. А, во тие шест месеци можеме само да сонуваме какви безбедносни проблеми тоа лице ќе направи. Ова е уште едно кршење на законите“,
пишува Николовски.
Тој потоа цитираше, како што напиша, дел од договорот:
„Согласно на Посебниот закон член 13 (1), на странските работници вработени во Проектот ќе им биде дозволено да започнат со работа на Проектот по аплицирање запотребните дозволи за престој и работа пред и додека се чека, постапката за издавање на дозволи за престој и работни дозволи да биде одобрена или одбиена. Појасно кршење на закони од ова нема!“,напиша Николовски на Фејсбук.
Во Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурните коридори 8 и 10Д, односно во т.н. Закон за „Бехтел и Енка“ во членот 11 со кој се регулира вработувањето на резиденти и странски работници за целите за спроведување на проектот, во ставот 3 јасно се наведува дека стратешкиот партнер ќе користи најмалку 51 отсто од локалните ресурси.
Премиерот Димитар Ковачевски завчера рече дека 51 отсто од работите, според договорот со „Бехтел и Енка“ треба да се изведат од страна на македонски изведувачи. Во овој контекст, тој кажа оти се надева дека ќе имаме и толку работници, механизација и материјали кои ќе можат да бидат имплементирани во проектот.
„Меѓутоа голем дел ќе биде и од странство, а тоа е на компанијата изведувач и проектант, ‘Бехтел и Енка’, кои веќе имаат искуство во изградба на вакви големи проекти и имаат искуство од каде и каков профил на работници ќе донесат за да се направи. Бидејќи 51 отсто треба да е од Северна Македонија се надевам дека ќе имаме и толку работници, механизација и материјали кои ќе можат да бидат имплементирани во проектот“,рече завчера премиерот.
Претставници од Владата и членови на Комитетот за изградба на коридорите 8 и 10-д ќе ги презентираат документацијата и деталите од договорот за изградба на овие два коридори, во соодветна собраниска процедура, најавија вчера од Владата.
Увид во договорот, според владиното соопштение, ќе имаат пратениците со безбедносен сертификат.
Ваквата најава следуваше откако опозицијата побара објавување на договорот, за кој од Владата соопштија дека е класифициран. Завчера, деветмина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои поседуваат безбедносен сертификат, упатија и писмено барање до премиерот Димитар Ковачевски да им го достави договорот. Барањето тие го поднесоа врз основа на членот 68 од Уставот (Собранието врши контрола над Владата), членот 122 од Деловникот на Собранието и Законот за класифицирани информации.