Николоски: Од интерес на народот е изборите да се споени
Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник во вечерашното гостување во емисијата ЗА или ПРОТИВ на телевизија Алфа вели дека најдобро е претседателските и парламентарните избори да се спојат бидејќи во услови кога економијата е девастирана најмалку што треба е Македонија да троши од 8 до 10 милиони евра за одржување на изборите.
Очајот нема граница и очигледно овде сме во ситуација каде што очајот на СДСМ и ДУИ го гледаме на сцена. Избори во Македонија ќе се случат тоа е законска и уставна обврска. Логично е, рационално е Македонија два пати да не троши пари за избори затоа што во една ваква девастирана економија каде што последните податоци велат дека поскапувањето на храната е за цели 46 проценти, значи тоа е за нешто половина, ако граѓаните пред половина година купувале да речеме за 100 денари сега истото го купуваат за 150 денари. Ако до пред година и половина можеле да пазарат за дома, за неколку дена за 1000 или 1200 денари сега истото го купуваат за 1500 до 2000 денари. Така што јасно е каде е државата економски. И во такви услови последно што треба да прави Македонија е два пати да троши од 8 до 10 милиони евра со опасност да треба и три пати да троши бидејќи можно е претседателските избори да не се успешни затоа што треба консензус во вториот круг од 40 проценти излезеност, рече Николоски.
Според Николоски ако се гледа партиски интерес тогаш на ВМРО-ДПМНЕ им одговара да има раздвоени избори, но доколку се гледа интересот на народот тогаш подобро е да има споени избори се со цел да не се трошат дупло пари и да дојде нова влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ која ќе се зафати со решавање на проблемите на граѓаните.
Ако гледаме чисто партиски интерес на ВМРО-ДПМНЕ повеќе им одговара разделени избори, затоа што на разделени избори на претседателски избори кои би се случиле први ВМРО-ДПМНЕ сигурно ќе победи, односно ќе победи кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и после тоа СДСМ нема да може по 20 луѓе да најде да стави на листи за пратеници, а камоли да се надева на некаков резултат. Затоа ако гледаме од аспект на ВМРО-ДПМНЕ нас повеќе ни одговара да се разделени изборите, но ако гледаме од аспект на државата, на народот им одговара да се споени изборите и побрзо да завршат тој цел изборен циклус, да не се трошат дупли пари и да може Македонија да добие нова функционална влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ која што ќе почне да ги решава проблемите, вели Николоски.
Николоски рече дека вкупната разлика меѓу претседателски и парламентарни избори е два месеци, додавајќи дека доколку изборите се одржат одделно тогаш државата ќе биде замрзната од 6 до 7 месеци, но и ќе се потрошат многу пари, бидејќи како што рече еден изборен циклус чини од 8 до 10 милиони евра.
Вкупната разлика помеѓу претседателски и парламентарни избори е два месеци. Претседателски избори се одржуваат во рок од последните 60 дена од мандатот на актуелниот претседател. Мандатот на актуелниот претседател Пендаровски почна на 12 мај 2019 година, што значи дека од 12 мај треба да се вратите назад 60 дена како прв термин тоа е 12 март, односно ако гледате недела тоа е 17 март прв круг претседателски избори, 31 март втор круг претседателски избори. Значи тоа е најпрвиот датум во кој можат да се случат избори. Е сега ако власта реши да оди на ова ригидно сценарио каде што претседателските избори би биле во првиот термин тогаш за да се закажат претседателските избори согласно Изборниот законик кој вели дека од денот на распишување на изборите, до денот на одржување на изборите не може да помине помалку од 90 а ниту помалку од 70 дена. Што значи дека најмалку 70 дена треба да има од денот на распишување на избори до денот на одржување. Ако прв круг избори се одржат на 17 март, тоа значи дека веднаш после Нова година истите треба да бидат распишани. Еве да го земе тоа сценарио, тоа значи дека веднаш после Нова година треба да запрат најголем дел активностите на владата, затоа што Македонија влегува во предизборен период и влегува во сила изборниот законик. Така што дури и да сакаат да крадат, после Нова година нема да може бидејќи започнува изборниот циклус, потенцираше Николоски.
Николоски истакна дека колку и владата да купува сега време и да си продолжува уште 2 месеци владеење, изборниот резултат и од претседателските и од парламентарните избори е се поизвесен, односно како што рече тој идната влада ќе биде предводена од ВМРО-ДПМНЕ и претседателот Мицкоски, а претседател на државата ќе биде лице кое ќе биде предложено од ВМРО-ДПМНЕ.
Еве да речеме дека ќе се успеат претседателските избори и дека ќе одат на прв термин, тие завршуваат на 31 март, последен термин во кој што може да има парламентарни избори најпоследен термин е 30 јуни. За да се случат избори на 30 јуни треба 100 дена претходно да има техничка влада. Тоа значи ако ги земеме месеците јуни, мај и април, веќе во месец март треба да има техничка влада. Значи како завршуваат претседателските избори додека тие уште не се завршени стапува на сила техничката влада која што освен технички, не смее да има други надлежности и трае до јуни месец до изборите. Што значи дека Македонија од Нова година до јуни месец има празен од во кој што не смее да се прави ништо, дури и овие арамиите нема да може да крадат бидејќи ќе нема од каде. Така што аргументот дека ќе може да си ја продолжат власта за уште 2 месеци не држи од причина што тоа ќе е технички период. И сега вие кога ќе видете дека логиката дека ќе замрзне државата од период од 6 месеци дека дупли пари ќе потроши бидејќи еден изборен циклус е од 8 до 10 милиони евра, и дека економската ситуација е каква што е, а во исто време многу извесен е резултатот на изборите бидејќи сите знаат дека следниот претседател ќе биде оној кој што ќе го предложи ВМРО-ДПМНЕ и следниот премиер ќе биде Христијан Мицкоски, владата ќе биде предводена од ВМРО-ДПМНЕ, во такви услови последно што и треба на Македонија е да замрзне од 6 до 7 месеци, изјави Николоски.
Николоски: Во процедура има уште најмалку 17 тужби поднесени од Македонците во Бугарија против бугарската држава
Во Советот на Европа има огромно разбирање за Македонија. Бугарија во моментов е во пост мониторинг, можеби ќе биде и вратена во мониторинг поради кршење на основните човекови права на етничките Македонци како што беше кажано од страна на известителот за Бугарија, се работи за докажана пратеничка од Исланд која го прави извештајот за Бугарија, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски на гостување во емисијата за или против што се емитува на телевизија Алфа.
Николоски потсети дека Европскиот суд за човекови права од Стразбур кој е највисока судска инстанца во Европа, а под надлежност на Советот на Европа има донесено 14 пресуди во корист на Македонците од Бугарија.
„Еве ексклузивно во моментов во процедура има уште најмалку 17 тужби поднесени од Македонците во Бугарија против бугарската држава. Многу е веројатно дека сите 17 ќе ги добијат, односно ќе бидат во нивна корист“, информираше Николоски.
Николоски посочи дека бројката на предмети кои ќе ги имаат македонците од Бугарија добиено против бугарската држава видно ќе се зголеми.
„Со овие 17 тужби кои се подготвуваат бројката на добиени предмети во Стразбур ќе оди над 30 предмети во корист на Македонците во Бугарија како етничко малцинство, а против Бугарија. Значи ако некоја институција покажува коректен однос кон Македонија тоа е Советот на Европа“, рече Николоски.