Николоски: Пошта со 75% од пазарот има приходи од 11 милиони евра, приватните со 25% од пазарот имаат 18 милиони евра
Годината беше успешна ако видиме дека економијата расте, градежништвото порасна за 21 % и што е важно успеавме да ги одбраниме националните интереси, рече вицепремерот и министер за транспорт Александар Николоски во интервју за ТВ Алфа.

– Мислам дека ова беше успешна година. Владата реализираше најголем дел од Програмата, она што го ветивме кон граѓаните и параметрите тоа го покажуваат. Во третиот квартал имаме раст од економија во 3,8 проценти што е далеку повисоко од годините наназад. Градежништвото, она што е дел од секторот кој јас го водам, порасна со 21 процент што е историски највисок во државата, градежништвото никогаш не било толку високо. Во делот на политиките, мислам дека опстанавме на нашите цврсти заложби што ги ветуваме на минатогодишните избори, а тоа е цврста одбрана на националните интереси, така што мислам дека се ова двата сегменти кои што се најзначајни – истакна вицепремиерот Николоски.
Тој исто така истакна дека е консолидирана Македонскa поштa.
– Сега не само што успеавме да не испуштиме од работа вработени, туку платите и сите законски права на вработените се исплаќаат редовно – рече Николоски и најави осовременување на Македонски пошти со 100 нови возила.
– Некоректно е приватните пошти да го земаат целиот пазар, а Пошта да го носи товарот. Кога ќе ги видите приходите, со 75% од пазарот Пошта има приход од некаде 11 милиони евра, додека приватните пошти со 25% од пазарот, имаат некаде 18 милиони евра. Тоа мора да го корегираме, ќе донираме 100 комби возила, од кои 90 помали и 10 поголеми. Понатаму тука е новиот софтвер, со што се обидуваме Пошта да ја ставиме во една добра позиција и со законски измени ќе помогнеме компанијата дополнително да расте – истакна Николоски





