Николоски: Проблемот со македонските превозници е високо на агендата во Брисел


Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, истакна дека проблемот со македонските превозници поврзан со воведувањето на новиот ЕЕС систем е високо на агендата во Брисел и дека се очекува решение во најскоро време.

Тој потенцира дека Владата води интензивна дипломатска активност и директно лобирање во европските институции, со цел да се заштитат домашните транспортни компании.

– Advertisements –

Според него, започнат официјален дијалог со Европска Комисија, во рамки на новата визна стратегија претставена од претседателката на Европската Комисија, при што македонските превозници за првпат се третираат како професионална категорија.

-Контурите се јасни, а тоа е дека со новата визна стратегија, превозниците се признати за прв пат како професионалци, што досега не беа во таа категорија. Сега има неколку опции што се разгледуваат како можни решенија, а тоа е секоја земја членка на Шенген зоната да издава посебни визи, при што деновите би се броеле само во таа земја, понатаму целосно изземање на возачите по примерот на пилотите и машиновозачите и третата опција со третман како прекугранични работници.

Помеѓу овие три модалитети сега се изнаоѓаат решенија. Имаше три состаноци до сега, еден беше на политичко ниво, два беа на техничко ниво и очекувам дека ќе се најде решението. Тоа што е знак на добра волја за Македонија, е дека примената на ЕЕС системот ќе се одложи до крајот на септември месец – рече Николоски на Телма.

На прашањето дали до септември ќе се реши проблемот, вицепремиерот смета дека има доволно време.

-Јас мислам дека за Македонија ќе се реши и тука би сакал да замолам да бидеме многу внимателни за она што доаѓа како информација од соседството. Ова е прашање кое не треба да се политизира, ова е прашање кое се однесува на бизнисот, а не на политиката и треба да ја држиме политиката надвор од ова – изјави тој.

Back to top button
Close