Николоски: Пруга со Бугарија ќе има во оној момент кога ќе се договориме дека заеднички ќе ја завршиме
Министерот за транспорт, Александар Николоски изјави дека е започнат дијалог со Бугарија за изградба на пругата која е дел од Коридор 8. Тој рече дека Бугарија ги прифатила нашите аргументи и се очекува втор дијалог на 31 октомври.
– Имајќи предвид дека Бугарија конечно ги прифати нашите аргументи, имаше еден дијалог во Брисел со претставници од двете страни, вториот дијалог ќе биде на 31 октомври во Софија, доколку има потреба од трет ќе се сретнеме во Скопје, ние сме отворени да најдеме заедничко решение, рече министерот одговарајќи на новинарско прашање по денешната прес-конференција на која претстави шест нови авио дестинации.
Николоски посочи дека пругата има смисла само доколку се изгради на двете страни.
– Тоа што го кажував со месеци знам дека на почетокот беше непопуларно но го потврди Бугарската министерка за транспорт која кажа дека немаат проект и би го завршиле до 2026 а би го изградиле до 2030 година. Јас кога кажував дека во тој тендер што го поништив пишуваше дека проектот треба да се заврши за четири години, прашував што ќе правиме, затоа што ако ние го потпишевме тендерот во октомври 2024, требаше да се заврши октомври 2028, а сама Бугарија вели дека ќе работи до 2030 година, појасни министерот.
Потенцираше дека пруга со Бугарија ќе има, како што рече „во оној момент кога ние и Бугарија ќе се договориме дека заеднички ќе ја завршиме пругата, затоа што поентата е Скопје и Софија да се спојат и цената да биде ревидирана“.
– Не може ние да платиме 560 милиони евра за 24 километри пруга. Не може. Недозволиво е, прескапо е, никаде во светот го нема тоа. Брза пруга се гради за 10-12 милиони евра по километар,, тука пруга со 60-80 км на час, спора пруга, 24 милиони евра, недозволиво е толкава да е разликата, каков сака нека е теренот, дополни тој.
На средбата во Брисел, претставници од Северна Македонија и Бугарија се согласија заеднички да го пробијат тунелот на Коридорот 8 што претставува клучен услов за реализација на проектот.