Николоски за неделникот „Фокус“: За пругата со Бугарија е избрана најтешката траса за да се напумпа цената

За изградба на пругата кон Бугарија, исто како и со автопатот Блаце е избрана најтешката траса со цел да се напумпа цената, вели вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски во интервју за неделникот „Фокус“.

 

Одговарајќи на прашањето зошто Владата решила да го запре процесот за овој проект, министерот вели дека првиот и клучен елемент е предвидената цена на чинење, која како што додава, изнесува 24 милиони евра по километар.

 

 

 

 

 

„Само за илустрација, цена на чинење на брза пруга било каде во Европа со 200 километри на час е 4 до 10 милиони евра, зависно од теренот. Овде за пруга која ќе оди со 60 километри на час е 24 милиони евра. Слично како со Блаце, избрана е најтешката траса. Не знам дали знае јавноста, но единствен начин да се изгради третата делница е само преку пруга како на каубојските филмови. Толку теренот е планински и лош, па само преку пруга може да се носат материјали, работници. Камион не може да пристапи. Невидена работа! Логичното прашање до моите претходници е зошто тоа е така проектирано? Зошто покрај тунел кој завршува никаде проектирани се 2 тунели под Крива Паланка?“,вели Николоски.  

Неговиот одговор зошто тоа е така наравено е за да се напумпа цената и дека тие како Влада не се глупави да прифатат таква цена за проект кој, како што вели, веројатно нема да се изгради никогаш.

Во форма на прашања, министерот наведува дека за проектот се пријавиле само несериозни компании и дека Бугарија од нејзина страна не работи ништо.

Според Николоски актуелната Влада сака и ќе ја изгради пругата, но поевтино и на порационален начин, со проектирање на нова траса која ќе се совпадне со Бугарија.

„Не знам дали видовте, Бугарија рече дека индикативна цена за нивниот дел е 1,2 милијарди евра. Кај ќе ги најде Бугарија тие пари? Тоа се многу пари за било која држава. Ние трошиме 560 милиони евра, а тие 1,2 милијарди евра за пруга што ќе вози 60 километри на час“,  вели министерот за транспорт во интервјуто.

Back to top button
Close