Николов: По 45-тата година треба два пати годишно да се прави кардиоваскуларен преглед

Штипската Клиничка болница се соочува со недостаток на кадар, а на едно од најдобро опремени одделенија потребно е удвојување на кадарот. Началникот на Одделението за кардиологија, Сашко Николов во интервју за МИА вели дека со осум кардиолози, 23 медицински сестри, двајца болничари и една хигиеничарка опслужуваат пациенти од два региони во земјава. Смета дека со удвојување на кадарот ова одделение ќе функционира перфектно.

Тој посочува дека недостатокот на лекари и помошен медицински персонал се чувствува насекаде на Балканот, но и во Европа, но она што го прават македонските лекари, за да се спасат пациентите е за пример. Николов апелира на превенција, редовно да се оди на контроли, а по 45 година задолжително да се прават тестирањата, кои ги препорачуваат кардиолозите.

„Една здрава индивдуа над 45 години треба два пати годишно да направи кардиоваскуларен преглед, да се види срцето, да се види доплерот на артерии, да се видат крвните садови на екстремитетите и да се направи коронарен стрес тест. Конкретно, 30 отсто од стрес тестовите во Штип излегуваат позитивни. Од 100 направени 30 се позитивни за конорарна болест, што значи 30 луѓе од 100 пациенти кои направиле стрес тест, 30 пациенти завршиле на стентирање или на операција за бајпас“, вели Николов.

Тој посочува дека превенцијата значи да се посетува доктор и да се прават иследувања додека сте здрави.

„Кога ќе почнат симптомите веќе влегуваме во фаза на лекување, не правиме превенција. Влегуваме во фаза на лекување, и тоа значи коронарографија, значи операција, значи користење, ние докторите ги гледаме работите од медицински, економски аспект. Значи правиме трошок на државата за иследување на компјутерски снимање, коронграфии, стентирање. Ако правиме поинтензивна превенција, ние трошиме време и знаење на докторите, меѓутоа го намалуваме степенот на интервенции. На пример, имавме еден многу добар период пред пандемијата, каде што бројот на стентирани пациенти од Штип, од градот Штип беше многу помал, дупло помал од Кочани, Струмица, Пробиштип, Виница, Делчево, Берово. Заради тоа што штипјани имаа една навика да си доаѓаат, да се прегледуваат и да си прават одредени испитувања, кога се здрави. Пандемијата на корона вирусот направи една ситуација да пациентите долго време, две години не доаѓаа на контроли, а за време на пандемијата кардиолошкото одделение во ниеден момент не прекина со активно работење на акутни конорнарни синдроми, селективно стентирање и во време на пандемија“, вели тој.

Николов исто така вели дека им се потребни миниум уште осум кардиолози кои ќе бидат вработените на одделението, како и уште дваесетина сестри, а за жал, фалат и болничари коишто ќе се грижат за пациентите

„Здравственото лекување, не е само докторската и сестринската работа. Голем дел бара и болничарската работа, каде што хигиената, редот, чистењето, пренесувањето на болните, подготовката на болните за да можат да лежат, да ги примат сите лекови кои ние како лекари ги назначуваме, се битен дел од нашиот здравствен сектор. Кубураме со сестри, кубураме со болнички персонал, со хигиеничарски персонал, бидејќи хигиената мора да биде на највисоко ниво. Во овој момент морам да кажам сестрите, па и докторите помагаат во одржувањето на хигиената, во одделението. Кога ќе излезе пациентот мораме да ја дезинфицираме целата сала. Ние ако чекаме на еден болничар или на еден хигиеничар тоа да го заврши,ние нема да можеме да завршиме со двајца пациенти цел ден. Затоа како излегува пациентот од сала, сестри, доктори, собираат, имаме мешани работи. Тоа не би требало да биде така, затоа што пак од друга страна докторот ќе не може да се посвети на останатите пациенти како што треба“, вели Николов.

Back to top button
Close