Николовска: ИПАРД е само почеток на поддршката на Брисел за нашиот агрокомплекс и рурален развој, ЕУ 40% од буџетот одвојува за аграрот, најмногу за младите земјоделци

 

Aктуелна тема периодов е програмата ИПАРД која е наменета за модернизација на производството и инвестиции во агросекторот и руралниот развој. Во тек е повикот за Мерка 3 од ИПАРД 2, а во најавата се и првите повици за Мерка 1 и 7 од ИПАРД 3. Покрај промоцијата на мерките од страна на ресорното министерство, кампања за ИПАРД најави и консултанската фирма „Агротим“ која преку специјализираната платформа „Агротим.мк“ информира за предностите, можностите и условите кои се бараат за аплицирање за овие неповратни средства.
На тема ИПАРД и други мерки на Владата за развој на нашето земјоделско производство, како и за агроперспективите кои ги нуди нашето членство во Европската Унија, „Иновативност.мк“ разговараше со директорката на Агротим – Ленче Николовска.

Во интервјуто, Николовска истакна дека ИПАРД е само почеток на поддршката на Брисел за нашиот агрокомплекс и рурален развој, 40% од буџетот ЕУ одвојува за аграрот, најмногу за младите земјоделци.

Актуелен во моментов е повикот за Мерка 3 од ИПАРД 2 – Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи. Кажете ни нешто повеќе за повикот и дали има заинтересирани?

-Во тек е повикот за вкупно 8,8 милиони евра финансиската поддршка за Мерка 3. Тоа се пари што останаа од ИПАРД 2 и со нивно реализирање Владата типува на стопроцентно искористување на средствата. Крајниот рок за поднесување на барањата е 18 септември 2023 година, а инвестициите што ќе бидат одобрени, мора да се реализираат до 31 мај. Барањето за исплата треба да се достави до 30 јуни, а потоа Платежната агенција во рок од шест месеци (до крајот на годината) има обврска да ги исплати средствата. Новите инвестиции би биле за млеко и млечни производи, месо и преработки од месо, вклучувајќи јајца и живина, овошје и зеленчук, житарки, мелнички и растителни производи, масла и животински масти,…, а финансиската поддршка се неповратни 50 отсто од вредноста на вкупно прифатливите трошоци на инвестициите. Важно е да се напомене дека во јавниот повик не се прифатливи инвестициите во градежни работи. Повикот е исклучиво наменет за набавка на опрема за преработки. Во однос на инвестициите поврзани со производството на енергија од обновливи извори, единствено прифатливи се инвестициите за набавка и инсталирање опрема за производство на енергија за сопствени потреби. Интерес има и тоа најмногу за машини и нова технологија во различни производства како и за поставување на фотоволтаици.

ИПАРД 2 беше успешна приказна за нашата држава што сведочи и лидерската позиција во регионот по искористеност на средствата. Новата најава од МЗШВ е дека многу скоро ќе бидат објавени и првите повици од ИПАРД 3 и тоа Мерка 1 и Мерка7. За какви инвестиции се работи?

-ИПАРД 3 опфаќа неколку мерки, кои се наменети за различни инвестиции. Мерка 1 – Инвестиции во основни средства на земјоделски стопанства (земјоделска механизација, изградба, системи за наводнување, садници, опремување на фарми). Мерка 3 – Инвестиции во физички средства за преработка и маркетинг на земјоделските и на рибните производи (откупни центри, изградба и опремување производствени капацитети за преработка на овошје и зеленчук, млеко, месо и сл.). Мерка 7 – Диверзификација на фармите и развој на бизниси. Најголем интерес, односно најпопуларна е Мерка 7 – во која влегува и руралниот туризам и за кој има особен интерес. Преку „Агротим“ веќе имаме склучено неколку договори за изградба на хотели, ресторани и други објекти и бизниси во рурално подрачје. За ИПАРД рурално подрачје е населено место до 30.000 жители, што значи дека и градовите како Струга, Валандово, Дојран, Ресен… сите тие се подобни за инвестирање преку Мерка 7. Важно е да се каже дека со подготовка на апликациите и документацијата треба да се започне многу порано, односно кога ќе излезе повикот во најголем дел да бидеме спремни, а не тогаш да почнат да се собираат документите.

Повеќе на линкот: Иновативност.мк

Back to top button
Close