Николовски: Aко не се субвенциите, нашето земјоделство ќе пропадне
Во однос на пласманот, министерот за земјоделство, Љупчо Николовски е дециден дека забрани засега нема, ниту има раскинување на договори, но државата, сепак, е максимално ангажирана и на изнаоѓање алтернативни пазари за нашите производи.
Одговорајќи на прашањето дали земјава некогаш ќе може сама да се прехрани, Николовски подвлече дека токму тоа е целта на актуелните земјоделски политики. Во таа насока се, нагласи, и реформите, но „нешто што не било направено 30 години, не може да се промени за само една година“.
-Наследивме 350 милиони евра заостанати субвенции. Прв пат по три децении зборуваме за окрупнување на земјоделските површини и за здружување во задруги. Прв пат ќе се менува и моделот на субвенционирање преку воведување авансна исплата, 30 отсто пред почеток на сезоната. Посебно внимание ќе се поствети и на земјоделското земјиште. Не само државното, туку и приватното ќе се става во функција, ќе се дава на оној што сака да го работи. Се работи и на модернизација на инфраструктурата, како и на развој на селата, истакна Николовски.
Негова оценка е дека „ако не се субвенциите, нашето земјоделство ќе пропадне“.