Николовски демантира дека се расфрлал со пари по хотели: ВМРО-ДПМНЕ лаже, објавите не се точни

Во врска со цените на хотелските соби, сите се во согласност со нашите правилници, а хотелите се препорачани од нашите амбасади и претставништва во странство. Никогаш не сум одлучувал јас директно за моето сместување, вели Николовски

Бројките изнесени од пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ се неточни и со истите тие манипулираат, вели пратеникот од СДСМ Љупчо Николовски по обвинувањата дека тој додека бил министер за земјоделство, се расфрлал со пари на патувања.

„Како само еден пример ќе кажам дека цената на хотелското сместување во Вермонт беше препорачано од тамошните власти и не изнесуваше повеќе од 150 долари по вечер. Ние повторно сме сведоци на небулозни и смешни обвинувања од ВМРО-ДПМНЕ, кои во рекордно време успеаја да ги влошат односите со сите соседи и да ги расипат напорите за изградба на соработки во последните седум години. Овие напори резултираа со зголемен извоз на вино и земјоделски производи, учество на врвни саеми и промоција на нашите производи“,вели Николовски.

Николовски посочува дека за првпат во историјата, Македонија била претставена на престижниот саем Белавита во Чикаго, а посетата во Вермонт вклучувала највисоки претставници. За посетата на Италија, Николовски вели дека била заедничка со претседателот на Република Србија каде земјава се претставила на уште еден престижен саем.

„Во врска со цените на хотелските соби, сите се во согласност со нашите правилници, а хотелите се препорачани од нашите амбасади и претставништва во странство. Никогаш не сум одлучувал јас директно за моето сместување. Дополнително, ВМРО-ДПМНЕ не се способни да се претстават на ниту еден саем во странство нити да ги промовираат нашите производи. Доказ за тоа е испуштеното учество на саемот АГРА во Република Словенија, патем за кој актуелниот министер ги купил авионските карти, меѓутоа не бил присутен, а тоа е поради нивната неспособност да организираат достојно претставување на нашите производи во странство“,посочува Николовски.

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска излегоа со обвинувања насочени кон ексминистерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, велејќи дека додека бил на чело на институцијата плаќал по 500 евра за ноќевање во хотели низ Европа и САД.

Back to top button
Close