Николовски: Рехабилитацијата на патот Узем-Тораница значајна за индистријата и за жителите од регионот

Со интензивно темпо се работи на  инфраструктурните проекти кои го поврзуваат Кривопаланечкиот Регион со останатите региони од државата но и со земјите од регионот, регионалниот пат Узем-Тораница е особено значаен заради тоа што води до најголемиот индустриски капацитет во регионот на Крива Паланка, во којшто се вработени најголем дел од жителите од овој регион, а тоа е рудникот Тораница, истакна денеска вицепремиерот Љупчо Николовски при посетата на делница која ќе се рехабилитира до крајот на август.

Николовски, кој заедно со министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми присуствуваа на патниот правец Узем-Тораница, рече дека оваа инвестиција  за комплетна рехабилитација на околу седум километри, е од огромно значење за економскиот развој на овој регион.

-Владата на Северна Македонија продолжува со интензивно темпо и јасни политики, во коишто инфраструктурата и одржливиот развој и развојот на економијата, се приоритет. Ставивме силен акцент на економскиот и инфраструктурен развој на целокупниот овој регион коишто беше запоставен со децении, порача вицепремиерот Николовски.

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски информираше дека во моментов се рехабилитираат и градат повеќе патни правци во овој регион  каде државата инвестира преку 80 милиони евра.

-Особено сум задоволен што во овој момент целата патна врска од Куманово до границата во Бугарија се модернизира. Неодамна започнавме со рехабилитација на патниот правец од Куманово до с.Војник како прва фаза. Во продолжение како втора фаза го рехабилитираме патот од с. Војник до Страцин. Во меѓувреме градиме нов експресен пат од Ранковце до Крива Паланка. Тука би сакал да спомнам дека овој месец ЈП за државни патишта објави тендер за доизградба на првата делница. Ја прошируваме со трета лента делницата од Крива Паланка до граничен премин Деве Баир, рече Бочварски.

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Рустеми рече дека вкупната вредност на рехабилитацијата на патната делница Узем-Тораница е во износ од 1.75 милиони евра, пари обезбедени од Европската Банка за обнова и развој.

Според градоначалникот на Општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски, сите инфраструктурни инвестиции што се реализираат се значајни за развојот на Кривопаланечкиот Регион, а со тоа Крива Паланка станува развојна точка.

-Ова е помош за локалното население и огромна помош за рудникот Тораница во којшто работат и од него опстојуваат околу 370 семејства, рече градоначалникот Мицевски.

Back to top button
Close