Николовски: СДСМ ги враќа парите кај граѓаните за подобар економски стандард

Во изминатите две и пол години докажавме дека ако се работи чесно, домаќински и одговорно пари има за граѓаните. За разлика од ВМРО-ДПМНЕ која парите на граѓаните ги крадеше, ги префрлаше на сметки на Белизе, градеше барок и панорамски тркала, СДСМ парите ги враќа кај граѓаните за тие да имаат повисоки примања и подобар економски стандард. Ова денеска во скопско Марино го изјави генералниот секретар на СДСМ и носител во Третата изборна единица Љупчо Николовски.

– Минималната плата ја зголемивме на 14.500, а до крајот на мандатот ја креваме на 20.000 денари што е дури 120 отсто повеќе од оние срамни 9.000 денари на ВМРО-ДПМНЕ. Платите во сите сектори пораснаа и ќе продолжат да растат. Просечната плата до крајот на мандатот ја креваме на 34.000 денари. За две и пол години пензиите пораснаа за речиси 1.800 денари, а ќе има постојан раст и во следните четири години.  Раст од најмалку 21 отсто ќе има на најниските пензии, а минимална пензија ќе изнесува 10.700 денари до крајот на мандатот, рече Николовски.

Додека ВМРО-ДПННЕ ширеше лажни вести и кршеше мерки за заштита, како што рече, ние донесовме три пакети мерки за поддршка на економијата, за спас на работните места и јакнење на приватната потрошувачка.

-Со домашните платежни картички и со ваучерот за туризам кон повеќе од 324.000 граѓани вративме 28 милиони евра за купување на наши, македонски производи и услуги, за посета на наши, домашни туристички центри и објекти. Тоа е патриотизам на дело, патриотизам кој продолжува уште повеќе, уште подобро. Во следниот период  домашна платежна картичка од 9.000 денари добиваат и пензионерите со пензии пониски од 15.000 денари, лицата кои се пасивни баратели на работа, стечајните работници и самохраните родители, појасни Николовски.

ВМРО-ДПМНЕ, како што рече, беше против проектот Мој ДДВ, кој се покажа како многу успешен и ефикасен во борбата против сивата економија.

-Со овој проект за само три квартали вратени се 10.7 милиони евра кон граѓаните. Во новиот мандат уште повеќе пари ќе враќаме кај граѓаните, лимитот за повратот на  ДДВ, го зголемуваме од  600 на 800 денари месечно, односно од 7.200 на 9.600 денари годишно, најави Николовски.

Back to top button
Close