Николовски со отворено писмо ги повикува Мицкоски и опозициските пратеници да овозможат донесување на земјоделските закони

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска, преку отворено писмо, ги повикува претседателот на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицковски, пратениците од неговата партија и коалицијата, да го овозможат доносувањето на деветте закони кои се во собраниска процедура и од кои, како што посочува, директно и индиректно зависат 20 000 семејства.

Николовски потенцира дека писмото не е политички пазар, туку апел за потребата од разум и валоризирање на земјоделскиот труд, а доаѓањето и останувањето на власт, порачува, не треба да биде единствената кауза.

-Доколку ја продолжиме политичката (не)култура на нерационални политички битки врз грбот на граѓаните, недовербата и апатијата кај нив само ќе растат. Сметам дека е време да ги препознаеме обединувачките точки со кои ќе го намалиме растечкото чувство меѓу граѓаните дека во државата владее единствено неединство кое воопшто не е рационално од позиција на земјоделец кој ја чека својата субвенција за да почне нова реколта и да овозможи пристоен приход за себе и семејството. Пред вас се закони кои во вакви глобални услови и предизвици не смее, заради политички несогласувања да паднат на грбот на земјоделците, наведува министерот.

Доаѓа период, додава Николовски, во кој од поддршката на земјоделството и земјоделците, како и од нивниот труд, директно ќе зависи производството на домашна храна и производи кои ќе засегнат повеќе производствени сектори.

Тој од Мицкоски и опозициските пратеници бара заедно да им помогнат на земјоделците за нови реколти, поголемо производство и подостоинствен живот, да покажат дека се обединети околу најважните и стратешките приоритети во овој сектор.

-Ви се обраќам како министер кому примарна задача во овој период на економска и енергетска криза, а на подолг рок и потенцијална криза за храна е да ги решава проблемите на земјоделците. Барам заедно да им помогнеме на овие наши граѓани да се подготват за нови реколти, поголемо производство и подостоинствен живот. Убеден сум и тоа ме води во мојата работа, дека никому не оди во прилог ако врз грбот на нашите граѓани се поставува одново и одново прашањето: „Кој добива, а кој губи со блокада на Собранието?”. Одговорот е кристално јасен и во континуитет како политичари го добиваме од граѓаните. Пораката е јасна, тие се уморија да не’ слушаат во нашите препирки и несогласувања, затоа е неопходно да се насочиме кон брзо решавање на животните и егзистенционалните приоритети на земјоделците и сите наши сограѓани, особено во време на вакви големи светски кризи, истакнува Николовски.

Според него, политиката не смее да биде пречка за граѓаните кои својот труд го вложиле на нива, на фарма, на поле и кои произведуваат храна.

-Мораме да ги антиципираме предизвиците кои доаѓаат во оваа област, а кои ќе ги почувствуваме идната година доколку со време не реагираме. Сакале или не, политиката е дел од нашето секојдневие, но, не смее да стане пречка за граѓаните кои својот труд го вложиле на нива, во фарма на поле, и кои произведуваат храна. Доаѓањето и останувањето на власт не треба да ни биде единствената кауза, за ова постојат демократски механизми кои се општо познати и воспоставени.

Во писмото министерот потсетува на законите кои моменто се во собраниска процедура: законот за земјоделство и рурален развој, законот за земјоделство и рурален развој (скратена постапка) вклучително и негови измени, законот за основање агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, измени на Законот за тутун, производи од  тутун и сродни производи (скратена постапка), законот за шуми, законот за Државниот инспекторат за земјоделство и законот за шумарска и ловна инспекција и закон за земјоделско земјиште.

Back to top button
Close