Никозија прогласена за најдобра европска културна дестинација за 2026 година

Главниот град на Кипар, Никозија, ја понесе титулата најдобра европска културна дестинација за 2026 година, според изборот на платформата European Best Destinations. Признанието ја потврдува сè поизразената промена во навиките на патниците, кои наместо класичен одмор на плажа, сè почесто се одлучуваат за кратки градски патувања исполнети со култура, историја и автентична локална гастрономија.
Никозија е препознаена по уникатниот спој на богато културно наследство и современа уметничка и креативна сцена. Градот е компактен и идеален за пешачко разгледување, што го прави привлечна дестинација за таканаречените „city break“ патувања. Како еден од најстарите континуирано населени градови во светот, со историја подолга од пет милениуми, Никозија нуди длабок увид во културните и историските слоеви на Медитеранот.
Старото градско јадро, опкружено со импозантните венецијански ѕидини од 16 век, претставува културното срце на градот. Посетителите имаат можност лесно да ги обиколат бројните музеи и галерии, меѓу кои Музејот на византиска уметност, музејот Левентис, кој го следи развојот на градот низ вековите, како и Кипарскиот музеј, најстариот археолошки музеј во земјата.

Една од клучните причини за високото рангирање на Никозија е богатиот и разновиден културен календар што трае во текот на целата година. Музиката, танцот, филмот и современата уметност се нераскинлив дел од идентитетот на градот, а меѓу најпознатите настани се издвојуваат фестивалот „Фанеромени“ во летниот период, Меѓународниот филмски фестивал на Кипар, како и традиционалните божиќни села кои ѝ даваат посебна живост на зимската сезона.
На листата на најдобри културни дестинации за 2026 година, по Никозија следуваат Фиренца и Виена, додека меѓу првите десет се најдоа и Левен, Шибеник, Верона, Томар, Руан, Оксфорд и Грац.
Рангирањето на European Best Destinations се базира на детална методологија која вклучува проценка на културното наследство, современата креативна сцена, квалитетот на искуството за посетителите и гласовите на повеќе од 22.000 патници од 131 земја. Врз основа на овој комбиниран пристап, Никозија заслужено е прогласена за најдобра културна дестинација во Европа за 2026 година, позиционирајќи се како едно од најзначајните културни средишта на Медитеранот и пошироко.
Извор: skopje1.mk






