Ниту еден ден не остана чисто и без фрлен смет кај православните гробишта во Тетово

Само неколку часа по отстранувањето на околу 100 метри кубни смет кај православните гробишта во Тетово, таму повторно се фрла отпад на земја, па денеска веќе се бележат неколку кубни метри ѓубре. 

-Секој пат кога ќе се собере сметот од таа локација за неколку часа повторно се создаваат купишта иако нема контејнери, потенцираат од работната единица „Комунална хигиена“.

Таква беше приликата и во јуни, кога дел од жителите на околната населба Певчина во стариот дел од градот започнаа иницијатива за уредување на просторот надвор од православните гробишта и отстрануавње на овој смет.

-Сметот постојано се собира, но и продолжуваат несовесните постапки и фрлањето на отпадот. Ние и понатаму ќе треба да го подигаме сметот фрлен на земја, но за да се спречи треба санкции од надлежните комунални инспекции и полиција, потенцираат од „Комунална хигиена“.

Вчера со 10-тина камиони над 100 метри кубни смет беа отстранети од локација со неколкукратен пренос со камиони, кои собираат по 12 метри кубни и возила со 8 метри кубни капацитет за носење на товар.

Back to top button
Close