Ниту сум го оштетил буџетот ниту сум овозможил некој незаконски да се стекне со нешто, вели ексградоначалникот на Гази Баба

Поранешниот градоначалник на оваа скопска општина, реагираше во јавноста откако Антикорупциска поведе иницијатива до обвинителството за отворање постапка за кривично гонење против него во врска со изградба на само за автомобили во Гази Баба

Ниту го имам оштетено буџетот на општината, ниту пак сум овозможил некое правно лице да се стекне со противправна имотна корист, реагира ексградоначалникот на Гази Баба од СДСМ, Борис Георгиевски откако Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) покрена иницијатива за постапка за кривично гонење против него пред Основното јавно обвинителство.

„Најодговорно тврдам дека сите акти на Општината се во согласност со Закон, а доколку сегашниот градоначалник смета дека е поинаку, во секое време може да ги поништи сите акти донесени од мене. Градоначалникот не ги води постапките сам, за законитоста на постапките потврдуваат стручните служби на општината“,вели Георгиевски.

Иницијативата од Антикорупциска следува поради, како што беше објаснето, изградба на новиот салон за автомобили на „Волво“ кој прво бил изграден, а потоа било издадено одобрение.

Како што објасни членот на ДКСК, Нури Бајрами, одобрението за градење во случајот со „Волво“, во прва фаза, е донесено на 17 февруари 2020 година, а за втора фаза на 30 септември 2020 година. Во медиумите, пак, како што нагласи, на 28 јуни 2019 година е објавена информација дека е свечено пуштен во употреба новиот салон за автомобили, токму во објектот започнат со градење како дивоградба.

Според Бајрами, по направената целосна проверка, градбата е изведена без одобрение за градба, а градоначалникот постапил спротивно на Законот за локална самоуправа, што претставува злоупотреба на службената должност и овластување.

Back to top button
Close