Но пасаран
Почитувани читате, луѓето населени на планетата Земја имаат свои животни предизвици , различни колку и луѓе на светот. Природно е секој од нас на својствен начин да ги идентификува и зафаќа во коштец со нив, за нивно решавање.
Познатата шпанска револуционерка , Исидора Долорес Ибарури Гомез, позната како Пасионариа уште во 1936 година за време на Граѓанската војна во Шпанија дава изјава со зборовите „Но пасаран” што во превод значи „не поминува”. Слоганот ја симболизира одлучноста да се истрае до крајот во идеалите и својата борба.
Овој слоган за мене бил вистински предизвик во животот и верувајте ми не очекував дeка денеска ќе се навратам на него токму во период кога зад себе имам многу дела и богата биографија.
Американците умеат да кажат „Never give up” што во превод значи „никогаш откажување”. Изминаа полни три години и длабоко влеговме во четвртата откако ми се нанесе страшен удар со стечајот на Еуростандард банка, удар кој ниту на сон не можев да го очекувам во мојата држава Македонија. За жал, реалноста е сосема друга од моите очекувања.
Организираниот криминал кој нема ниту лице ниту наличје, ниту нација, ниту религија, длабоко е навлезен во нашето секојдневие.
Знам дека не сум единствениот кој настрадал во својата татковина, меѓутоа во мојот случај сакам да им објавам на сите учесници и соучесници во овој стечај, дека мојата борба ќе трае сѐ додека не дојдам до правдата, а лично се надевам дека ќе ја дочекам здрав и жив.
Директен учесник на носењето во стечај на Еуростандард банката е Народна банка. Соучесници во овој злостор се повеќе високи институции од државен аспект, Техничка Влада на РМ и Собрание на РМ, под чии ингиренции се работењето на Народна банка и правосудниот систем. Стечајот за прибирање на одлеаните пари од Еуростандард банка се води во најстрога тајност. Од непотврдени извори, дури од високо рангирани професионалци од бизнис заедницата во Македонија излегуваат информации дека средства во стечајната маса се имаат собрано за комплетно измирување на обврските кон прaвни и физички лица, клиенти на Еуростандард банка во стечај. Ненаплатените побарувања, кои по моја проценка се околу 65 милиони евра, се додатен приход кој уште повеќе ќе ја зголеми стечајната маса.
Сите показатели укажуваат на фактот дека Еуростандард банка по ниеден основ не била банка која требала да се носи во стечај.
Македонија не памети стечај на ниту еден правен субјект кој во стечајната маса има собрано толку многу финансиски средства со кои се исплатени сите правни и физички лица!
Заклучокот е еден, умислата Еуростандард банка да се уништи беше приоритет, а не потреба и затоа по кој знае кој пат повторувам дека нема да го оставам на мир секој учесник и соучесник во ова злодело и дека правдата ќе ја барам најнапред во мојава држава, а потоа и во светот.
Слоганот „но пасаран” денес за мене е синоним кој и понатака ќе ме води по патот на правдата. На тој пат, учесниците и соучесниците на уништувањето на Еуростандард банка кога тогаш ќе одговараат за своите злодела.
Трифун Костовски