Нобелова награда за мир: Фаворити – активисти за слобода на медиумите, белоруските опозиционери и Грета Тунберг

Активисти за слободата на медиумите, белоруските опозиционери или активистите за климатските промени, како Грета Тунберг? Денеска, очите на светската јавност ќе бидат вперени кон Осло, каде што ќе се објави името на новиот добитник на Нобеловата награда за мир.

Доделувањето на оваа престижна награда е кулминација на сезоната на Нобелови награди и, како и секогаш, е придружено со многу предвидувања.

Предвидувањата се комплицирани затоа што, според 50-годишната традиција, имињата на кандидатите се чуваат во тајност и се знае само нивниот број – оваа година се вкупно 329. Работите дополнително се комплицираат со фактот дека нема многу скорешни достигнувања во областа на мирот.

Меѓу фаворитите се организациите што ја бранат слободата на медиумите, како што се „Репортери без граници“ и Комитетот за заштита на новинарите, организации кои се борат против лажните вести, како што е Меѓународната мрежа за утврдување факти и други, но и такви кои опстојуваат на каузата за борба против корупцијата, како што е „Транспаренси Интернешнл“.

-Медиумите преку нивното известување истовремени придонесуваат за обврзување на владите да даваат објаснувања, но и за исполнување на растечкиот предизвик што го предизвикуваат лажните вести и дезинформациите, рече Хенрик Урдал, директор на Институтот за истражување на мирот во Осло.

Други фаворити се претставниците на мирната опозиција во Белорусија, каде во август минатата година авторитарниот претседател Александар Лукашенко го освои шестиот претседателски мандат на изборите што генерално се сметаат за фалсификувани.

Лидерката на опозицијата, Светлана Тихановскаја, тврди дека победи на изборите и оттогаш, од егзил, во Литванија, го предводи опозициското движење во земјата.

Оваа 39-годишната жена е една од лицата номинирани за Нобелова награда за мир и се сугерира дека наградата може да биде доделена или на неа или на неа и уште две истакнати опозициски фигури, Марија Колесникова и Вероника Цепкало.

-Ова ќе биде силен начин да се нагласи и важноста на жените и важноста на демократијата и ненасилството, рече шведскиот професор Петер Валенстен, специјалист за меѓународни односи.

„Доделувањето на наградата на Светлана (Тихановскаја) исто така ќе биде индиректна форма на критика на Путин, бидејќи Русија е главниот сојузник на белорускиот режим“, смета  историчарот, добитник на Нобеловата награда, Асле Свен.

    Дали ќе има церемонија или не?

Експертот, меѓутоа, смета дека наградата е поверојатно да се додели на шведската активистка за борба против климатските промени Грета Тунберг, што несомнено би имало пошироко влијание. Нобеловата награда за физика завчера им беше доделена на научниците со достигнувања во проучувањето на климата.

-Ова е најважното прашање на сегашноста, вели Свен, два месеци по загрижувачкиот извештај на експертите на ОН и неколку недели пред клучната конференција COP26.

Предвидувањата поврзани со климата се дека наградата може да се додели на Рамковната конвенција на ОН за климатски промени и на нејзината извршна секретарка, Мексиканката Патриша Еспиноса.

Откако беше претставена како солидна во овој период на пандемија, кандидатурата на Светската здравствена организација и натаму е популарна кај љубителите на обложувањата, но се чини дека е ослабена од контроверзиите околу нејзината улога и неуспесите во програмата за снабдување со вакцини од програмата Ковакс во сиромашните земји.

-Ковид-19 немаше големо влијание врз природата на предлозите доставени до Нобеловиот комитет, изјави секретарот на комитетот Олав Нелстад. „Верувале или не, тие можат да се избројат на прстите на едната рака“, рече тој за АФП.

Меѓу другите имиња фигурираат Кампањата против роботите убијци, од кои корист има норвешкиот совет за мир, рускиот опозициски лидер Алексеј Навални и германската канцеларка Ангела Меркел, која наскоро се повлекува од активната политика.

Нобеловата награда за мир минатата годиона и беше доделена на Светската програма за храна на Обединетите нации, најголемата хуманитарна организација во светот која се бори против гладот.

Пандемијата на коронавирусот, која лани предизвика церемонијата на врачување на Нобеловата награда за мир да се одржи од далечина, може и годинава да го уништи празникот, на 10 декември, кога традиционално се одржува церемонијата на доделување.

Откако стана јасно дека нобеловците во науката и литературата ќе бидат лишени од церемонија во Стокхолм оваа година, Нобеловиот институт во Осло се очекува во наредните денови да одлучи како ќе се додели Нобеловата награда за мир: со церемонија со Зум или со лично присуство.

Back to top button
Close