Нобеловката за мир порачува: Трибунал за Путин и правда за жртвите

Русија, за една година од инвазијата, извршила повеќе од 31.000 различни видови тортура во Украина и неопходно е да се донесе правда за жртвите и нивните семејства, изјави добитничката на Нобеловата награда за мир, Украинката Олександра Матвијчук во интервју за Радио Слободна Европа.

Центарот за граѓанско општество, на чие чело се наоѓа Олександра Матвијчук, е една од трите организации на кои им беше доделена Нобеловата награда за мир за 2022 година.

На 24 февруари се навршува една година откако Русија започна воена агресија против Украина, а фокусот на работата на Центарот е документирање на руските воени злосторства извршени во тој период.

Центарот се залагаат за формирање на специјален меѓународен трибунал за судење на Русија за кривично дело агресија.

Триесет и деветгодишната Олександра две децении е борец за човекови права. Пред руската инвазија на Украина, таа ги документирала кршењата на човековите права во, окупираните од Русија, Крим и Донбас.

Во нејзиниот стан често нема струја, вода или интернет. Ни вели дека не може ни да ги планира следните неколку часа, а камоли еден ден однапред. И покрај честите воздушни напади, таа одбива да оди во засолништето. Таа вели дека вака чувствува дека има барем малку контрола врз животот.

Говорот кој го прочита кога ја доби Нобеловата награда, го напиша на светлина од свеќи.

За РСЕ зборува за, како што вели, тешката и трауматична работа на документирање на воените злосторства и кои се патиштата до правдата.

„Не мора да си Украинец за да се солидаризираш со Украина. Доволно е да си човек“, нагласи Олександра во својот говор кога ја прими Нобеловата награда.

РСЕ: Центарот за граѓански слободи е вклучен во украинската кампања за формирање на специјален меѓународен трибунал за судење на Русија за кривично дело агресија. Дали е тоа еден од начините да им се донесе правда на жртвите на војната?

Матвијчук: Рускиот претседател Владимир Путин и највисокото руско раководство извршија злосторства на агресија. Сепак, не постои меѓународна инстанца која би можела да ги изведе пред лицето на правдата сторителите на ваквото кривично дело. Ниту Меѓународниот кривичен суд нема јурисдикција за кривичното дело агресија. Неопходно е да се формира специјален суд за да се изведат Путин, Лукашенко и другите воени злосторници пред лицето на правдата. Но и тоа не е доволно.

Покрај кривичното дело агресија, извршени се и други меѓународни злосторства – воени злосторства, злосторства против човештвото и геноцид. Институциите за спроведување на законот и судовите во Украина се преоптоварени од огромниот обем на злосторства. Меѓународниот кривичен суд ќе ги ограничи истрагите само на неколку избрани случаи.

Кој ќе донесе правда за стотиците илјади жртви чии случаи не се избрани?

Затоа треба да ги зајакнеме капацитетите на украинскиот правен систем и да воспоставиме хибриден механизам, кој би овозможил соработка на домашните и меѓународните истражители и судови.

Законот е единствениот начин да се врати достоинството на жртвата и да се прекине циклусот на неказнивост на воените злосторници.

Интервјуто со Олександра Матвијчук во целост прочитајте го тука

Back to top button
Close