Норвешкиот МНР тврди дека Осло го преиспитува односот со ЕУ и можноста за членство


Министерот за надворешни работи на Норвешка, Еспен Барт Ајде, денеска изјави дека земјата повторно го преиспитува својот однос со Европската Унија поради променетите глобални околности и растечкото влијание на политиките на САД и Кина, додека сè повеќе расте притисокот, по двата неуспешни референдуми, да се покрене нова дебата за можното членство во блокот.

Ајде наведе дека околностите значително се променија од 1994 година и дека ЕУ сега користи инструменти кои претходно не беа активни.

– Овој луд свет надвор, со она што се случува со Кина и САД, ја принудува ЕУ да користи алатки од кутијата кои претходно не беа активни – изјави тој за Фајненшел тајмс, додавајќи дека станува збор за трговската политика и царинската унија во која „не сакаат“ да бидат.

Ајде наведе дека „бенигниот свет“, во кој беа одржани претходните референдуми во 1972 и 1994 година, е заменет со значително понестабилно глобално опкружување, поради што Норвешка мора пореално да го согледа својот однос со ЕУ.

– Рековме не во 1972 година поради рибата и повторно во 1994 година, главно поради рибата и земјоделството – рече норвешкиот министер, со оценка дека тие прашања беа „толку контроверзни што уништија бракови и семејства, оставајќи ги Норвежаните со посттрауматско стресно растројство“.

Норвешка, иако е дел од единствениот европски пазар, останува надвор од ЕУ, а рибарството и земјоделството беа клучните причини за противење на членството на референдумите. Морската храна е најголемиот извозен сектор на земјата по нафтата и гасот.

Шефот на норвешката дипломатија рече и дека норвешкото богатство од нафта и гас придонесува за чувството на економска независност, но додаде дека, доколку референдумот би бил утре, тој би гласал за ЕУ, со напомена дека тоа не значи дека е дојден моментот за негово распишување.

Иако дел од норвешкиот политички врв го поддржува членството, анкетите покажуваат дека мнозинството граѓани и понатаму го отфрлаат влезот во ЕУ, поради што владејачката Лабуристичка партија не планира нов референдум во скоро време.

Back to top button
Close