Носталгијата не е стратегија – големиот развод во Давос
Дали анархијата од првата година на вториот мандат на Трамп ќе создаде нови либерални сојузи на средните сили. Македонија живее во ритуалот секој ден да ја става на владиниот излог таблата „САД, нашиот стратешки партнер“

Два наслови во двата клучни американски весници – „Њујорк тајмс“ и „Вашингтон пост“ – исклучително прецизно го отсликуваат годинашново издание на Светскиот економски форум во Давос. Речиси сѐ во швајцарскиот зимски центар беше поврзано со робусното доаѓање на американскиот претседател Доналд Трамп, неговиот настап и спектакуларниот говор на канадскиот премиер Марк Карни.

„Њујорк тајмс“ анализата ја наслови: „Давос го претвори канадскиот премиер во глобална политичка ѕвезда“. Вашингтон пост“ имаше слична порака во насловот: „Трамп доминираше во Давос. Но, Канаѓанецот Карни беше ѕвездата“.
И оние овде што дотогаш не беше чуле за Марк Карни и оние што знаеја по нешто за поранешниот гувернер на централните банки на Англија и Канада, бараа преку интернетот да прочитаат што кажал канадскиот премиер, кој за неколку часа стана лидер на демократскиот свет. Се разбира, еден говор не прави еден човек да биде лидер на демократскиот свет, но помага да се разбере што се случува во големиот глобален биг-банг една година од вториот мандат на Доналд Трамп.
Сегашниве македонски власти се отепаа од повторување на квалификацијата за САД како „стратешки партнер“, како ретко кој да ја има таа „привилегија“ во односите со Америка. Па, САД беше стратешки партнер на целата западна Европа (со исклучок на Шпанија и Португалија) уште од времето на Втората светска војна, па преку Маршаловиот план кој го крена на нозе континентот на урнатините и жртвите. Па и околу „драмата“ што се случуваше во Давос (Гренланд, Данска, тарифите, Одборот за мир) концентричните кругови околу македонската власт повеќе сакаа да зборуваат за „стратешкиот партнер“ отколку за разводот што се случуваше и по кој Европа, нејзиниот развој и приоритетите нема да бидат исти. А ние сме дел од Европа во секој смисол.
„Никој веќе не му верува“
Разводот почна ден-два пред Трамп да се истовари во Давос откако американскиот претседател одлучи да ги открие приватните текстуални пораки што ги добил директно од други светски лидери. Тие приватни пораки наеднаш станаа текстови за насладување на неговите 11,6 милиони следбеници на социјалните медиуми.
Што открија снимките од телефонот на Трамп. На пример, дека францускиот претседател Емануел Макрон нуди да биде домаќин на состанок на Г7 во Париз и да ги покани Русите на маргините. Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, кој еднаш го нарече Трамп „тато“, исто така ја виде својата приватна текстуална порака испратена до Трамп во која тој ги фали „неверојатните“ достигнувања на претседателот, додавајќи: „Едвај чекам да те видам“.
Протекувањето приватни пораки „не е прифатливо – едноставно не го правиш тоа“, рече еден висок дипломат на ЕУ за „Политико“. „Тоа е толку важно. После ова, никој не може да му верува. Да сте кој било лидер, веќе не би му кажале ништо. А ова е клучно средство за комуникација бидејќи е брзо и директно. Сега сè ќе минува низ слоеви на бирократија“.
И потоа дојде говорот на Карни по кој сите во главната сала во Давос му аплаудираа со стоечки овации. Не само лидерите на ЕУ, туку и македонските мозоци кои што сега ја креираат политиката, би можеле да медитираат за лекциите што ги даде Карни во говорот што сам го напишал.
Најважната порака на Карни е дека политичките лидери мора да се справат со светот онаков каков што е, а не каков што тие сакаат да биде. „Носталгијата не е стратегија“, предупреди тој. Европските лидери би погрешиле ако се држат до удобноста на старомодниот атлантизам во погрешно верување дека уште еден комплимент или отстапка кон Трамп ќе го задуши неговиот незаситен апетит. Со тоа неговиот апетит нема да се засити, туку, напротив, само ќе се зголеми.
Тој ја отфрли политиката каде што моќта сè повеќе се потврдува како исправна и заострувањето во меѓународните односи го дефинираше како „прекин, а не транзиција“. Тој, исто така, истакна како либерално-демократските „средни сили“ како што е Канада – но и европските земји – мора да изградат коалиции за да се спротивстават на притисокот и да одбранат што е можно повеќе од принципите на територијален интегритет, владеење на правото, слободна трговија, климатска акција и човекови права.
Ласкање на хегемонот
Јасното признавање на Карни дека ерата на „меѓународен поредок базиран на правила“ предводен од Запад – со сите негови недостатоци и недоследности – не се враќа е во спротивност со колебањето меѓу европските лидери, од кои многумина сè уште веруваат дека можат да му ласкаат, поткупат и одоброволат Трамп да ги земе предвид нивните интереси.
Лекцијата на Карни во Давос не само што е кристално јасна, туку е и целосно навремена. „Кога преговараме само билатерално со хегемон, преговараме од слабост. Прифаќаме што се нуди. Се натпреваруваме едни со други за да бидеме најприлагодливи“, предупреди тој. „Ова не е суверенитет. Тоа е извршување на суверенитетот со прифаќање на подреденоста. Во свет на соперништво од големите сили, земјите помеѓу имаат избор – да се натпреваруваат едни со други за корист или да се здружат за да создадат трет пат со влијание“.
Со други зборови, Европа може да се надева дека ќе ја запре злоупотребата на моќта на САД од страна на Трамп само ако дејствува со единство и сила и ги здружи силите со истомислечки земји како што се Канада, но и Јапонија, Австралија, Бразил и Индија, за да изгради нови трговски договори и правила.
Карни во својот говор цитираше само двајца претседатели – Чехот Вацлав Хавел и Финецот Александар Стуб. Ова се мали земји кои успеаја да преживеат и да просперираат. Карни сакаше да каже дека дојде време кога малите земји повеќе не можат да бидат глупави. Големите можат, затоа што тоа може да го компензираат со сила.
На почетокот на јануари на ова место пишувавме за интелектуалецот и политиката и наведовме што мисли големиот чехословачки дисидент Вацлав Хавел на оваа тема кога во 1998 година беше претседател на Чешката Република. Марк Карни својот инспиративен говор го почна со еден друг есеј на Хавел, многу познатиот „Моќта на немоќните“ од 1978 кога ја опиша бесмисленоста на комунистичката држава и како се јавуваат пукнатините во неа. Затоа еве го почетокот на говорот на Карни:
„Тврдам дека другите земји, особено средните сили како Канада, не се немоќни. Тие имаат моќ да изградат нов поредок што ги интегрира нашите вредности, како што се почитувањето на човековите права, одржливиот развој, солидарноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на државите.
Моќта на помалку моќните започнува со чесност.
Секој ден сфаќаме дека живееме во ера на соперништво меѓу големите сили. Дека поредокот базиран на правила бледнее. Дека силните прават што можат, а слабите трпат затоа што мораат.
Оваа диктума на Тукидид изгледа неизбежна – природната логика на меѓународните односи се потврдува. И во услови на оваа логика, постои силна тенденција земјите да се прилагодат за да преживеат. Да се придржуваат. Да избегнуваат проблеми. Да се надеваат дека послушноста ќе купи безбедност.
Нема.
Па, кои се нашите опции?
Во 1978 година, чешкиот дисидент Вацлав Хавел напиша есеј насловен ‘Моќта на немоќните’. Во него, тој постави едноставно прашање: Како преживеа комунистичкиот систем?
Неговиот одговор започнува со продавач на зеленчук. Секое утро, продавачот на зеленчук става табла на својот излог: ‘Пролетери од сите земји, обединете се!’ Тој не верува во тоа. Никој не верува во тоа. Но, тој сепак ја поставува таблата – за да избегне проблеми, да покаже послушност, да се вклопи. И бидејќи секој уличен продавач го прави истото, системот преживува.
Не само преку насилство, туку преку учество на обични луѓе во ритуали за кои тие приватно знаат дека се лажни.
Хавел го нарече тоа ‘живеење во лага’. Моќта на системот не доаѓа од неговата вистина, туку од подготвеноста на секого да се однесува како да е вистина. А неговата кршливост доаѓа од истиот извор: кога дури и едно лице ќе престане да учествува – кога продавачот на зеленчук ќе ја отстрани таблата – илузијата почнува да пука.
Време е компаниите и државите да ги симнат своите табли етикети. Со децении, земји како Канада напредуваа во рамките на она што го нарекувавме меѓународен поредок базиран на правила. Знаевме дека приказната за меѓународен поредок базиран на правила е делумно лажна. Дека најсилните ќе бидат ослободени кога им одговара. Дека трговските правила се спроведуваат асиметрично. И дека меѓународното право се применува со различен степен на строгост, во зависност од идентитетот на обвинетиот или жртвата.
Оваа фикција беше корисна, а американската хегемонија особено помогна да се обезбедат јавни добра: отворени морски патишта, стабилен финансиски систем, колективна безбедност и поддршка за рамки за решавање спорови.
Реклама
Учество во ритуали
Затоа поставивме знаци. Учествувавме во ритуали. И најчесто избегнувавме да го истакнуваме јазот помеѓу реториката и реалноста. Тој договор повеќе не функционира. Да го кажам отворено: ние сме во средината на прекин, а не на транзиција…
Прашањето за средните сили како Канада не е дали треба да се прилагодиме на оваа нова реалност. Мораме. Прашањето е дали ќе се прилагодиме едноставно со градење повисоки ѕидови – или дали можеме да направиме нешто поамбициозно“.
Неодамна, познатиот бугарски политички научник, Иван Крастев, во поткастот „Добра борба“ на професорот и писател Јаша Мунк, рече дека „во времето на Трамп секој е оставен сам на себе“ и го нагласи значењето на средните сили, како и Карни во Давос. „Според мене, средните сили имаат три заеднички карактеристики. Прво, тие се многу амбициозни. Во време на превирања, тие имаат тенденција да ги искористат можностите, наместо да се грижат за ризиците, делумно затоа што се остро свесни за својот среден статус. Во помалку регулиран свет, има повеќе шанси да се подобри сопствениот статус. Во сржта на сегашната криза е верувањето на Европејците дека Соединетите Држави под Трамп би можеле да застанат на страната на Русија во украинската криза. Таа можност ги брише многу од претпоставките врз кои почиваше нивниот свет“.
Оваа анализа на Карни и Крастев за средните сили како да наликува на собирањето на силите во Меѓуземјето од „Господар на прстените“ за да му се спротивстват на страшниот хегемон Мордор. Тие сили се составени од луѓе, хобити, виленици, џуџиња и нивната цел е да му се стави некаков крај на хегемонот и Меѓуземјето да живее според правила и норми.
Дали е правило или норма во меѓусебното однесување и почитување кога американскиот министер за финансии Скот Бесент, на маргините на форумот во Давос ја оцени Данска како „нерелевантна“, иако најмалку сто години им е сојузник на САД. „Нерелевантна“ е затоа што жестоко се спротивставува да му го отстапи на Трамп огромниот Гренланд (тој има површина од 2,1 милион километри, или, за споредба, колку 86 Југославии). Гренланд е нејзина територија, иако има голема автономија.
Кој го поседува Гренланд?
Дали има правило или норма во меѓусебното однесување и почитување кога Трамп го навреди нејзиниот најблизок историски сојузник, Велика Британија, велејќи дека „британските и другите трупи на НАТО кои се бореа во Авганистан ги избегнуваа првите линии”. Бесот во Британија за овие зборови беше толку голем што премиерот Кир Стармер упати невидена критика до Трамп наведувајќи дека неговите зборови се „навредливи и, искрено кажано, ужасни“ и предложи тој да се извини. Стармер им оддаде почит на 457-те припадници на вооружените сили кои ги загубија животите за време на конфликтот.
„Никогаш нема да ја заборавам нивната храброст и жртвата што ја дадоа за својата земја“, рече Стармер во петокот. „И затоа ги сметам изјавите на претседателот Трамп за навредливи и, искрено кажано, ужасни, и не сум изненаден што им нанесоа таква болка на најблиските на оние што беа убиени или повредени“.
Македонската политика не е храбра и умешна ниту како хобитите од „Господарот на прстените“. Нејзините клучни луѓе на власта, како што вели Хавел во „Моќта на немоќните“ живеат во ритуали за кои тие приватно знаат дека се лажни. Тоа е „живеењето во лага“. Моќта на сегашниот систем не доаѓа од неговата вистина, туку од подготвеноста на секого да се однесува како да е вистина.
Така, министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, во едно интервју овие денови околу прекинот во меѓународниот поредок за кој зборуваше Карни, рече дека „нашата работа е да бидеме држава што знае што сака, држава на која може да ѝ се верува, и држава што е дел од решението, не дел од проблемот. Затоа мојата порака е: Македонија не се движи по инерција, ниту се фаќа за ‘модни’ геополитички трендови. Ние сме прогресивни во амбицијата“.
Некој ќе рече дека овие зборови или толкувања изгледаат за жалење и дека првиот дипломат не разбира што се случува во светот. Не, тој разбира, но секој ден сака да ја стави таблата „САД, нашиот стратешки партнер“, на прозорецот на власта и од тоа да прави ритуал, иако знае дека тоа изгледа како привид. Како што и носталгијата е привид. Ниту пак стратегија. (Dw)






