Нов бран на Ковид-19 е сѐ поизвесен, расте бројот на заразени

Македонските епидемиолози најавуваат нов бран најверојатно на средината на август. Според надлежните, вакцинацијата е единствен начин да се стави крај на пандемијата.

Последниве неколку недели расте бројот на заразени со Ковид-19 во Северна Македонија. За разлика од пред еден месец, кога имаше денови со по неколку нови случаи, во екот на летнатата сезона и одморите, бројките постојано се двоцифрени и стигнаа до 81 случај во саботата, и 72 новозаразени во првиот ден од август. Во изминатото деноноќие се регистрирани 54 нови случаи на коронавирус од направени 3.087 тестирања, а почина и едно лице од Тетово на возраст од 77 години. Најмногу нови случаи се регистрирани во Тетово – 32, во Скопје 13, Дебар – 4, Гостивар и Валандово по 2 и Кичево 1. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во земјата од почетокот на епидемијата изнесува 156.506, бројот на оздравени пациенти е 150.399, на починати е 5.494, а бројот на активни случаи изнесува 613.

Нов бран на коронавирус, кој не одбегна многу европски земји, е сѐ поизвесен во земјата. Македонските епидемиолози најавуваат нов бран најверојатно на средината на август. „Само од нас зависи дали ќе го пречекаме новиот бран вакцинирани во што поголем процент, ќе го ублажиме и ќе спасиме човечки животи. Барам максимална одговорност, но пред сѐ поддршка и вклученост. Ширете ја пораката дека вакцинацијата е единствен начин да ставиме крај на пандемијата. Разговарајте и убедете ги оние кои сѐ уште се двоумат затоа што веќе е научно докажано и проверено – вакцините функционираат. Тие се безбедни и спречуваат хоспитализација или смрт од Ковид“, порача деновиве министерот за здравство, Венко Филипче.

Според надлежните, вакцинацијата е единствен начин да се стави крај на пандемијата. Секој граѓанин кој не е имунизиран го изложува на ризик своето, но и здравјето на останатите. „За да се спречи враќањето на рестриктивните мерки и да се врати нормалното секојдневие, важно e секој од нас да даде свој придонес и да се вакцинира“, апелираат здравствените работници

Извор: дв

Back to top button
Close