Нов  бренд  пиво – „Herz” во чест на македонските кардиохирурзи: Племенита мисија за поттикнување на донаторството на органи во Македонија

Денеска во Шибеник, на посебна прес конференција,  е претставено првото хрватско (шибенско) – македонско пиво “Herz”, како резултат на соработката, знаењето и искуството на  крафт мајстори од пиварите Pivovara 022, Ведран и Лука Шкугор од Шибеник и Pivovara HotchPoch (Скопје / Загреб), Круме Ивановски и Димитрие Јовановски од Скопје.

Тие произведоа пиво со хумана порака за подигањето на свеста за донирање на органи и спасување на животи. Спомен пивото така го доби името “Herz”, а неговите креатори се вклучија во племенита мисија на поттикнување на донаторство на органи во Македонија.

Пивото е во чест на проф. д-р Сашко Јовев, македонски кардиохирург, кој по мајка е Шибенчанин, од Универзитетската клиника за државна кардиохирургија во Скопје и тимот во кој, меѓу другите беа и академик д-р Жан Митрев од клиниката „Жан Митрев“ и д-р Александар Николиќ од „Аџибадем Систина“.

Оваа екипа,  на 23.5.2020 година, успешно ја изведе првата трансплантација на срце во Македонија.

“Herz” е прво спомен пиво во светот посветено на некој кардиохирург, неговата екипа и трасплантацијата на срце.

Нова, племенита  иницијатива на  „Хрватско-македонска тангента“ од  Шибеник

Поддршка во овој племенит проект на шибенските и македонските пивари кој има хумана димензија дава и невладината организација „Хрватско-македонска тангента“ од Шибеник, која веќе со години успешно работи на развој и негување на пријателските и културните врски меѓу Хрватска и Македонија.

Тангентата ја води новинарот, политиколог и публицист Сашо Георгиевски.

Професор. д-р Сашко Јовев, кој по мајка е Шибенчанин,е иницијаторот, илиидејниот осмислувач. Неговата  мајка,  Синева потекнува од старото шибенско семејство Илијаш, па така проф. д-р Сашко Јовев редовно го посетува родниот град на неговата мајка и одржува редовни врски со роднините од Хрватска.

И академик д-р Жан Митрев е поврзан со Хрватска, односно со овој дел од приказната кој има врска со трансплантација на срце и донирање на органи. Тој уште како специјализант бил присутен во изведувањето на првата трансплантација на срце во Хрватска, во 1988 година кај проф. д-р Јосип Соколиќ, кој пред 32 години влезе во историјата на хрватската медицина, со трансплантацијата која ден денес е доста развиена во Хрватска.

Стекнатото  искуство и постојаните надградувања во струката на кардиохирургот д-р Митрев му овозможиле досега да направи 15 самостојни трансплантации на срце во Германија, а во 1997 година во Франкфурт, тој беше првиот Македонец кој сам извршил трансплантација на срце. Има извршено и уште 6 аутотрансплантации.

Македонските кардиохирурзи на кои им е посветено пивото “Herz“ се особено задоволни и го оценуваат како одличен е секој обид и иницијатива која оди во прилог на подигнување на свеста за донирање на органи и спасување на животи. Додека во светот донаторството е на доста развиено ниво, на пример во Хрватска, која предначи во Европа, тоа на Македонија и е повеќе од потребно.

Содејство на македонската амбасада во Загреб и градоначалникот на Шибеник д-р Жељко Буриќ

На прес конференцијата, преку видео врска, се вклучи проф. д-р Сашко Јовев кој изрази благодарност и не го криеше воодушевувањето од новиот производ направен во негов спомен и тимот кој ја изведе првата трансплантација во Македонија, нагласувајќи ја неговата емотивна поврзаност со Шибеник.

Водечка мисла на сопствениците на пиварите кои го произведоа пивото, како што потенцираа била донирањето на органи кој е наплеменит и највозвишен чин на човечката добрина. Првата тура од производството на пивото “Herz“ е веќе распродадена низ Хрватска, уште пред неговата денешна промоција.

На прес конференција, меѓу останатите видни личности од општествениот и стопанскиот живот во Шибеник, беше присутен и вршителот на должноста во македонската амбасада во Хрватска, Назиф Џафери и градоначалникот д-р Жељко Буриќ, кој неодамна со делегација од Град Шибеник, а со посредство на невладината организација „Хрватско-македонска тангента“ го посети Скопје.

Во своето обраќање Џафери ја истакна посебната хумана димензија што ја има овој настан и пораката од нашата Македонија која стаса до Шибеник. Тој изрази надеж дека ова хумано дело организаторите ќе го претворат во една успешна економска соработка меѓу партнерите и државите.

За кртај,  уште една шибенско-македонска поврзница. Имено, градоначалникот д-р Буриќ, како гостин на д-р Жан Митрев во Скопје, ја посети клиниката „Жан Митрев“, а на средбата се остварија валидни врски за натамошна соработка.

Веле Митаноски

Back to top button
Close