Нов црн рекорд во Русија: Најголем број починати во еден ден од почетокот на пандемијата

Само 29 проценти од возрасната популација примиле две дози од една од трите руски вакцини што биле во употреба. Вакцините од странските производители не се дистрибуираат во земјата.

Русија постави нов црн рекорд во бројот на смртни случаи од коронавирус за 24 часа, откако се пријавени 968 починати како резултат на оваа инфекција, објави штабот за сузбивање на ширењето на коронавирусот.

Вкупно 215 453 луѓе починале во Русија од почетокот на пандемијата, а претходно најмногу смртни случаи од ковид-19 биле регистрирани вчера, кога починале 936 лица, пренесува РИА Новости.

Само во едно деноноќие потврдени се 29 362 нови случаи на коронавирус, а вкупниот број заразени од почетокот на пандемијата е 7 746 718.

 

Слаб интерес за вакцинација

Коронавирусот се прошири и во круговите на државниот врв, па рускиот претседател Владимир Путин беше принуден да се изолира минатиот месец откако „неколку десетици луѓе“ од неговата околина беа позитивно тестирани.

„Последниот развој на настани е многу загрижувачки -изјави Василиј Власов, епидемиолог од Московското Високо економско училиште.

„Иако голем број луѓе веќе се заразени, и земјата требаше да развие некаков имунитет, бројот на смртни случаи повторно расте. Тоа беше очекувано, бидејќи практично нема ограничувања, а процесот на вакцинација е многу бавен -вели тој.

Русија, која беше првата земја што разви вакцина против ковид -19, има тешкотии да го вакцинира своето население. Само 29 проценти од возрасната популација примиле две дози од една од трите руски вакцини што биле во употреба. Вакцините од странските производители не се дистрибуираат во земјата.

Официјалните лица рекоа дека огромното мнозинство луѓе кои биле хоспитализирани не се вакцинирани, а Путин постојано апелираше до Русите да се вакцинираат.

Меѓутоа, според Гардијан, независните анкети на јавното мислење покажуваат дека голем број Руси се скептични во врска со вакцините од руско производство. Критичарите генерално ја обвинуваат лошата организација на програмите за вакцинација за ниската стапка на вакцинација и тврдат дека властите испраќаат „мешани“ пораки за пандемијата.

Покрај тоа, тестовите за антитела на вирусот се популарни во Русија, а некои критичари велат дека тоа придонесува за мал број вакцинирани луѓе. Западните медицински експерти посочуваат дека тестовите за антитела се неверодостојни и кога станува збор за дијагностицирање на ковид -19 и кога станува збор за проценка на имунитетот. Антителата утврдени со овие тестови можат да послужат само како доказ дека лицето го преминало ковид -19. Научниците тврдат дека се уште не е познато кое ниво на антитела покажува дека лицето е заштитено од вирусот и колку долго.

Руската вицепремиерка Татјана Голикова, која ги предводи напорите за борба против коронавирусот во земјата, минатата недела рече дека допрва доаѓа тежок период.

„Има зголемување на стапката на смртност и сакам да ве замолам да бидете внимателни -рече Голикова.

И покрај големиот број заразени и починати, властите не сакаат да воведат ограничувања на ниво на целата земја, што може да има негативно влијание врз економијата. Според Гардијан, рестораните, баровите и ноќните клубови се уште работат, иако некои региони најавија дека повторно ќе воведат мерки според кои луѓето ќе бидат обврзани да покажат потврда за вакцинација за да влезат во некои јавни места.

Ова лето, Москва се обиде накратко да воведе задолжителен доказ за вакцинација или негативен ПЦР- тест за гостите на рестораните и баровите, но брзо се откажа од тоа, бидејќи сопствениците на угостителските објекти се жалат дека нивниот приход се намалува.

Минатата недела, Кремљ изврши притисок врз регионите да преземат чекори за да го забават ширењето на коронавирусот, но ги отфрли обвинувањата дека се размислува за карантин

 

 

Back to top button
Close