Нов Гувернер – нова надеж
Почитувани читатели, во денешната колумна , редовно посветена на стечајот на Еуростандард банка, ќе се осврнам на битноста од местото и улогата на првиот човек во институцијата Народна банка, гувернерот, за стабилноста на системот.
Доаѓањето на господинот Славески како Гувернер на Народна банка, предизвика големи дискусии во јавноста. Вообичаено, поделеноста ,, за” или ,,против” дојде до израз. Колку и да се крева прашина ,,фаќаат страни” факт е дека господинот Славески е изгласан од парламентот. Во наредните 7 години ново изгласаниот гувернер ќе ја води оваа престижна институција од витално значење за нашата држава. Најдобронамерно и јавно му укажувам на гувернерот Славески, при носење на одлука за стечај на било која банка треба длабоко да размисли, да премери па да донесе таква радикална одлука, бидејќи последиците може да бидат катастрофални за клиентите, акционерите, и за целото стопанство. ,,Десет пати мери, еднаш сечи” е народна мудрост токму за носењето праведни одлуки.
Со големо внимание го следев гостувањето на господинот Славески во емисијата „САМО ИНТЕРВЈУ„ на Канал 5 телевизија.
Од домаќинот, новинарот Гоце Михајловски беше покренато прашањето околу стечајот на Еуростандард банка. Речиси пет години пишувам колумни со цврсти аргументи во кои се гледа тенденциозноста на екс- гувернерката Бежоска да се однесе Еуростандард банка во стечај, притоа прескокнувајќи ги инструменти кои ѝ стоеја на располагање за стабилизација на банката. Очигледен беше и дрскиот однос кон нас акционерите, а уште подрзок односот кон потенцијалниот инвеститор кој беше спремен за влез во банката.
Денес сите клиенти, правни и физички лица на банката, се обештетени, а средства во стечајната маса на банката има и сѐ уште ќе се собираат!
Има ли поголем доказ дека стечајот никогаш не требало да биде применет во Еуростандард банка. Нема!
За ваквиот чин институцијата која ја донела оваа одлука мора да одговара. Новоизбраниот гувернер Славески треба да навлезе во суштината за стечајот на Еуростандард банка. Неговата лична комуникација со екс-гувернерот Бежоска не смее да биде пречка вистината да излезе на виделина.
Очигледно гувернерот Славески е добро информиран дека 6-7 години наназад, пред стечајот на Еуростандард банка, истата била под специјални контроли од Народна банка за нејзината адекватност.
Ново избраниот гувернер Славевски мора да направи длабока анализа за причините по кои Еуростандард банка беше однесена во стечај. Ги повторам по не знам кој пат.
Согласно законот за банки, Народна банка има на располагање инструменти со цел да се обезбеди функционалност на банкарскиот систем.
Тоа се:
1. Редовни мерки
2. Вонредни мерки
3. Администрација
4. Стечај
Народна банка во случајот со Еуростандард банка ги користеше само редовните мерки. Вонредните мерки беа занемарливи, бидејќи Народна банка не одзема лиценца за членство на ниту еден учесник од Надзорниот, Управниот и директорскиот тим на банката.
Народна банка го прескокна инструментот администрација, што во снова значи преземање на банката под контрола на Народна банка и во период од 1 година да се утврди дали банката има право на живот или да се носи во стечај.
Госпоѓата Бежоска го искористи само последниот инструмент за казнување на нас акционерите, а уште повеќе ги казни клиентите, правни и физички лица, вработените во банката и експозитурите. Најголема казна добија Македонски пошти.
Македонски пошти изгубија 80 илјади пензионери и приходи за услугите од платниот промет којшто на републичко ниво изнесуваше 24%. Македонски пошти изгубија 7 милиони евра годишен приход само од банкарските трансакции.
Госпоѓата Бежоска, којашто денес си заминува од функцијата со чисто досие, треба да одговара пред лицето на правдата. Причините за ваквиот мој став се следни:Цела година пред стечајот на Еуростандард банка, Народна банка, госпоѓата Бежоска го одзема правото за работа со правни и физички лица. Со одземено право за работа со правни и физички лица, банката беше ставена на одстрел. Токму во тој период госпоѓата Бежоска нѐ присили да се споиме со Комерцијална банка . Во моментот кога ја одбивме нејзината желба, изврши притисок врз моето семејство да се продаде осигурителната компанија Еуролинк и средствата од продажбата да се вложат во банката со цел истата да се докапитализира.
Ние, како семејството го направивме тоа, меѓутоа очигледно намерите на госпоѓата Бежоска биле многу подлабоки и тенденциозни.
Инсистираше по секоја цена да обезбедиме странски инвеститор. Истиот го обезбедивме. Ги задоволуваше сите критериуми за влез во банката.