Нов милионски тендер за „Марковски Компани“: ЕСМ купува машини, но ангажира и приватна механизација за РЕК Битола

Државната компанија за производство на струја АД ЕСМ склучи нов договор за ангажирање на помошна механизација за потребите на рудниците во РЕК Битола во вредност од 490 милиони денари или скоро 8 милиони евра.

Според податоците од Бирото за јавни набавки, најголем дел од тендерот добила добро познатата „Марковски Компани“, која склучила договор со ЕСМ во вредност од 402 милиони денари или 6,5 милиони евра.

Вториот далеку помал дел од тендерот го добила компанијата „Дигер“, која склучила договор со државната компанија за производство на струја во вредност од 88 милиони денари или 1,4 милиони евра.

За разлика од помалиот лот, за кој „Дигер“ имал конкуренција од страна на „Рубитон“, големиот лот „Марковски компани“ го добила како единствен понудувач, без конкуренција.

Договорот склучен меѓу АД ЕСМ и „Марковски компани“ всушност предвидува ангажман на булдожер – гасеничар со сила на мотор од 380 киловати во следните 18 месеци.

ЕДЕН ОД МНОГУТЕ ТЕНДЕРИ

Инаку, ова е еден од многуте тендери што ги добива „Марковски Компани“ за работа во РЕК Битола. Покрај споменатиот од 8 милиони евра, фирмата годинава склучила уште два договори за помошна механизација во вкупна вредност од над 18 милиони денари или околу 300 илјади евра.

Во претходната 2022 година, пак, двете страни склучиле десетина договори за јавна набавка во вкупна вредност од околу 25 милиони евра, од кои највреден е договорот за ископ на јаглен и меѓуслојна јаловина склучен кон крајот на ланската година во вредност од 19,5 милиони евра.

Исто толку вреден тендер „Марковски Компани“ доби и во 2021 година. Како што пишуваше „Фокус“, станува збор за ископ на јаглен и технички решенија за заштита на копот. Вредноста на овој договор, кој е склучен во постапка со преговори, без претходно објавување на оглас, изнесува 22 и пол милиони евра.

„Обезбедени се и дополнителни финансиски средства за зголемување на ископот во рудниците на АД ЕСМ во Битола и Осломеј со цел да се обезбеди јаглен како единствен ресурс за производство на струја од овие капацитети, како и мазут за ТЕЦ Неготино“, ни одговорија тогаш од АД ЕСМ.

Патем, од таму посочија дека за спроведувањето на итна постапка обезбедиле согласност од страна на Бирото за јавни набавки, а заради конкурентност на преговори поканиле 5 економски оператори, од кои 4 се одзвале на повикот.

КОЈА Е „МАРКОВСКИ КОМПАНИ“?

Во однос на „Марковски Компани“, пишувавме дека таа е во сопственост на Борче Марковски, кој своевремено се врати во земјава по неколкугодишен престој во Србија, а во 2016 година беше избран за почесен конзул на Белорусија во Македонија.

По тој повод, се случи едно од ретките појавувања на Марковски во јавноста, кога порача дека ќе даде максимален придонес за зајакнување на билатералната соработка меѓу двете држави.

Оваа фирма доживува подем во 2012 година, кога впрочем почнува да добива тендери. Па, ако компанијата во 2011 година остварила приходи од 2,7 милиони евра и имала 61 вработени, веќе во следната година остварува двојно повеќе приходи (4,2 милиони евра), но и вработува речиси двојно повеќе луѓе (104).Ваквиот нагорен тренд продолжува и во следните неколку години. Имено, „Марковски Компани“ во 2013 година остварува приходи од речиси 11 и пол милиони евра и профит од над 5 милиони евра, а во 2014 година вкупните приливи изнесуваат речиси 14 милиони евра, а профитот безмалку 7 ипол милиони евра.

Повеќе на fokus.mk

Back to top button
Close