Нов обид за смена на „непослушниот“ синдикалец Трендафилов. Со помош на судот власта го враќа пред 9 години сменетиот Митревски?

Одлуката на Граѓанскиот суд донесена во февруари годинава, со која се потврдува дека Живко Митрески во 2017 година е нелегитимно сменет од функцијата претседател на Сојузот на синдикати на Македонија, актуелното раководство на ССМ ја гледа како обид да бидат институционално замолчени.
Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов денеска на прес-конференција посочи дека оваа пресуда е втора иако Апелациониот суд минатата година ја укинал првичната пресуда со цел да се утврди дали има правен основ за водење на постапка против починато лице.
– Сметаме дека жалбата којашто е поднесена во текот на вчерашниот ден повторно ќе биде прифатена од страна на Апелациониот суд кој уште еднаш ќе утврди дека Основниот суд не постапил по неговите напаствија. Тоа што е клучно е дека согласно меѓународните конвенции на МОТ, синдикатите имаат целосна слобода да ги креираат статутите, актите и документи и да вршат избор на луѓето кои ќе бидат нивни претставници – истакна Трендафилов.Трендафилов посочи дека од 2017 година одржани се конгреси и во 2020 и 2023 година и дека доколку сакал Митрески можел да се кандидира.
– За жал, не го сторил тоа. Ако некој смета дека во Македонија може да се поставуваат членови односно претседатели по желба на неколкумина. Жалосно е што сега се обидуваат и по институционален пат да го замолчат ССМ затоа што протестираме и бараме зголемување на платите – рече Трендафилов.
На денешната прес-конференција, Трендафилов информираше дека согласно одлуките донесени на највисоките тела на синдикатот, годинава Меѓународниот ден на трудот ќе биде одбележан со протест под мотото „Се бориме за зголемување на платите, а не се молиме“. Протестот ќе почне во 11 часот пред Работничкиот дом, а со него повторно ќе се бара зголемување на минималната плата и на сите останати плати.






