Нов почеток по 60 години: Син ми почина, а јас ја сменив кариератa за да му го исполнам сонот

Откако го изгубила, открила колку бил во право

Музиката и танцувањето му биле во коските на Хари, синот на Џил Рајт. На 18 месеци танцувал како Спајс Грлс, копирајќи ја кореографијата што ја гледал на телевизија. На 7 години победил на натпревар по танцување, а на 16 години добил стипендија на „Урданг“ Академијата за перформативни уметности во Лондон. На 23 години настапувал во Книгата на Мормон во Вест Енд. Тој период му бил дијагностициран тумор на мозокот. Две години подоцна, во 2019, Хари починал. Неговата смрт и нејзината тага, го промениле животот на Рајт.

Оваа година на 61, таа на сцена ја поставила претстава напишана од Хари, во негова чест, во црквата Св. Павле во Ковент Гарден, позната како Црквата на актерите. После 40 години работа како терапевт за говор и јазик за деца со попреченост, ја променила кариерата за да стане костимограф за „Клетници“.

„Поради него се предомислив и морав да продолжам понатаму“, вели таа.

Рајт правела костуми за Хари цело негово детство, но никогаш не ги прифаќала неговите предлози да стане костимограф за Вест Енд.

„Ако имаш работа која ти одговора, не го кршиш мразот додека нешто не те предомисли. Едноставно се држиш до тоа што го работиш“.

Но по смртта на Хари следела пандемијата и универзалното и заедничко чувство на тага кое произлезе од неа. Рајт тогаш нашла просторот да се преиспита и да се подготви за промена.

Бидејќи пријателите на Хари „континуирано ме контактираа, почнав да сфаќам која поддршка ја нуди театарската заедница“, вели Рајт. Стекнала чувство на припадност и пред да ја промени својата кариера. Со месеци, го праќала своето CV на театри и продукции но без успех.

Работела после нејзината смена или за викендите во Црквата на актерите, каде почивал Хари. Се уште го посетува неговото меморијално дрво, магнолија, скоро секој ден.

Конечно, Рајт слушнала за отворено место за костимограф за „Клетници“. Отишла интервју и била во редот за да ја гледа „Книгата за Мормонот“ – „морав да одам повторно да ја гледам“ – кога добила мејл со понуда за работата. „Си помислив, ова е пишано да се оствари“.

„Станувам секој ден и можам да се соочам со денот. Знам дека одам во една неверојатна средина и се ми е возбудиво. Кога светлата ќе се вклучат и кога ќе почне музиката, се запира. Никогаш нема да се уморам од тоа. Тоа ме прави многу среќна и собата за костими е мојот сигурен простор. Хари секогаш зборување за неговите костимографи и колку е важно да се биде добар костимограф“.

Рајт облекува четворица артисти. Ги подготвува костимите и секогаш со себе носи безопасна игла, за кога некој раб ќе падне. „Но, јас сум исто така и емоционална поддршка. Тоа е посебна врска. Моите години значат дека ме гледаат како една фигура на мајка“, вели таа.

Рајт работи на осум претстави во текот на шест дена и го напушта театарот во 10.45 навечер, по вечерната претстава, пред да замине дома во Чингфорд, источен Лондон. Часовите и даваат ново разбирање за начинот на живот на Хари.

Додека работела во Националниот здравствен сервис вели дека таа и Хари биле како два брода кои се разминуваат. „Тој ќе дојдеше дома навечер, ќе јадеше и одеше доцна во кревет. Кога јас ќе се вратев од работа имаше толку многу за перење и спалната беше лом. Сега можам да разберам зошто го правеше тоа – бидејќи немаш време да размислуваш. Имам новооткриена почит за тоа како е да се биде во неговите чевли“, вели таа.

Рајт која има две ќерки, и претходно има искусено загуба. Кога била 22 години, нејзиниот прв сопруг, со кој се омажила три години претходно, умрел одеднаш од хеморалгија на мозокот. Нејзиниот втор брак завршил со развод.

„Понекогаш луѓето ми велат: ‘Како се уште се држиш?’“, вели таа. „Различните ситуации во животот може да го изградат патот до нова иднина. Дури и во најтемните денови постои светлина која мора да се најде. Најверојатно само треба да најдеме смисла за да ја бараме. И исто така знајте дека тагата и радоста можат заедно да постојат во секојдневниот живот“.

Извор: Гардијан
превод: Марта Стевковска

 

Back to top button
Close