Нов роман во Или-Или: ФОБОС од Соња Станковска
Денес од печат излезе романот ФОБОС, дебитантско дело на Соња Станковска. во издание на издавачката куќа Или-Или.
Романот е објавен во едицијата ПРОаЗА како 240 книга а во оваа едиција досега се објавени и многу други дебитантски книги на сега веќе етаблирани македонски автори.
Издавачот Или-Или силно верува во книжевниот потенцијал на Соња Станковска па за во 2026 г. е во план објавувањто и на нејзиниот втор роман.
Во романот, Фобос, Соња Станковска нè води низ архитектурата на стравот, не само како чувство, туку како систем, глас, архетип и алгоритам. Структуриран како куќа со три „ката” и составен од девет тематски раскази, романот претставува експериментален жанровски хибрид што комбинира фикција, алегорија, дигитална сатира, критичка теорија и филозофски рефлексии.
На првиот кат, стравот се појавува во својата заводлива форма , преку општествените очекувања, медиумските клишеа и културните стереотипи. Вториот кат е технолошки, каде стравот се автоматизира, станува код и дел од систем без емоција, но со моќ. На третиот кат, тој е тивок, интимен и длабоко човечки – впишан во нашите неуспеси, спомени и надежи.
Фобос не е само роман, туку и концептуален простор во кој читателот се соочува со сопствените, колективните и културно моделираните стравови. Со храбра стилска постапка и содржински слоевит пристап, Станковска создава современ роман кој истовремено предизвикува и нуди рефлексија за тоа како живееме, што нè плаши и зошто.
За романот Фобос писателката Фросина Пармаковска вели:
Романот „Фобос” е уникатен пример на колажиран, нелинеарен и мошне комплексен хибриден текст кој умешно ги поставува едни од најзначајните прашања за човекот и за светот: каде бевме, каде сме и каде одиме. Исклучително креативно и храбро, ова четиво нуди цел спектар од приказни кои се суштински, егзистенцијални и актуелни, а истовремено бескрајно духовити и игриви. Да се влезе во светот на Фобос е како да се тргне на патување без безбедносен појас кое никако не знаете каде ќе ве одведе – иднината е само една од варијантите на минатото, а човекот има бескрајни можности да биде, да постои во еден од световите што ги има до недоглед или, пак, во сите нив, во некое алтернативно време.
Соња Станковска (1977, Охрид) е архитект и дизајнер, но во основа раскажувач на приказни, без разлика на медиумот што го користи. Гради светови од линии, простори и зборови. „Фобос” е нејзина прва објавена книга