Нов сомнителен случај на западнонилска треска на Инфективна
На Клиниката за инфективни болести во Скопје е хоспитализирано уште едно лице кај кое е потврдено воспаление на мозокот и мозочните обвивки од вирусно потекло, како и позитивна серологија од серум за вирусот западен нил. Пациентот е на 76-годишна возраст.

Како што информира директорот на Клиниката, Фадил Цана, сега вкупно седум пациенти се водат како клинички суспектни, а кај десет е потврдено присуството на западнонилска треска, од кои тројца се во критична состојба на Одделот за интензивна нега и се на механичка вентилација. Тој додаде дека засега нема подобрување на нивната здравствена состојба и оти сите пациенти се од Скопје.
Според Цана, за да се докаже невроинвазивната форма на болеста и за седмиот сомнителен случај потребни се дополнителни испитувања на цереброспиналната течност.
Како што кажа тој, ПЦР-технологијата не е златен стандард за дијагностицирање на невроинвазивната форма на западнонилската треска и затоа тие пациенти се подложени на дополнителни лабораториски испитувања и се лекуваат како пациенти со западнонилска треска.
„Инкубацијата на болеста трае до 14 дена. Никој не може однапред да предвиди како ќе се развива болеста во поединечен организам. Тоа што се знае досега е дека најподложни на потешка форма се повозрасните лица. Сите пациенти што се хоспитализирани кај нас се постари од 60 години и имаат придружни заболувања. Постарите лица, лицата со хронични заболувања, имунокомпромитираните лица, т.е. со ослабен имунитет, се најподложни на потешка клиничка слика. Кај околу 80 проценти од заразените болеста поминува лесно или дури и без симптоми“,изјави Цана





