Нов заеднички проект на МВР и Мисијата на ОБСЕ во Скопје – „Градење хибриден образовен систем во МВР”

Нов заеднички проект на Министерството за внатрешни работи и Мисијата на ОБСЕ во Скопје  – „Градење хибриден образовен систем во МВР”, проект од доменот на полициското образование и стручна едукација почна да се реализира денеска. На настанот, со кој беше означен почетокот на оперативната реализација проектот, се обратија министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, како и шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадор Клеменс Која.

Министерот Спасовски ја истакна континуираната и плодна соработка што со години наназад МВР ја има со Мисијата на ОБСЕ, пред се, како што рече, со Отсекот за развој на полицијата при Мисијата. Притоа, нагласи и дека таа е јасно видлива во мноштвото заеднички реформски проекти каков што е и денешниот, како дополнителен прилог на плодната соработка што продолжува динамично да се негува и надградува, прецизно таргетирајќи ги конкретните или актуелни потреби на нашето министерство.

-Со овој проект започнуваме еден процес фокусиран на образованието, при што, ползувајќи ги техничко-технолошките капацитети целиме  кон структуирање на дигитален систем на стручна обука и едукација, или поточно кажано на микс меѓу дигитализираната наобразба и обуките со физичко присуство при Центарот за обука на кадри од областа на безбедноста на МВР. Овој процес не е само алтернативен образовно-логистички концепт, со оглед на искуствата од периодот зад нас условени од антипандемиските глобални и национални превентивни мерки, туку претставува концепт што ќе биде своевидно надополнување на оние стандардни образовни програми креирани при Центарот за обука, потенцираше министерот Спасовски.

Тој истакна дека изминатиов период од неколку месеци, по потпишувањето на заедничкиот Меморандум за реализација на овој проект меѓу МВР и Мисијата на ОБСЕ во Скопје, беа направени сите неопходни подготовки за негова практична операционализација   до 2024 година, почнувајќи од креирањето на критериумите за избор на обучувачи, нивно сертифицирање согласно потребните стандарди, и нивно воведување во процесот на оперативно фундирање на концептот за хибридно образование.

Спасовски изрази увереност дека со спроведувањето на овој проект на еден подолг период ќе се инвестира во подигнување на нивото на стручна и професионална едукација на вработените во министерството, примарно на полициските службеници. Тој изрази и подготвеност за продолжување на партнерството со ОБСЕ во реформската изградба на модерни полициски служби кои ќе бидат реален и примарно – кредибилен сервис на сите наши граѓани, а во функција на целосно остварување на нивната сигурност и безбедност.

Амбасадорот Која, во обраќањето пред присутните истакна дека полицијата има единствена и привилегирана позиција во општеството, со монопол над легитимната употреба на цивилна сила, поради што, нагласи потребни се механизми за надзор и управување за да се обезбеди највисоко ниво на полициска професионалност.-Брзите технолошки промени претставуваат и предизвици и можности за обука на полицијата. За таа цел потребен е дигитално компетентен персонал, комплементарна ИТ инфраструктура и флексибилност во нашите пристапи за учење, гледајќи подалеку од традиционалната средина на учење во училница. Затоа нашиот проект се фокусира на развивање на капацитетите на Министерството за внатрешни работи за хибридно учење и образование, во насока на изградба на интегриран, одржлив и долготраен систем на професионално образование, потенцираше амбасадорот Која.

Back to top button
Close