Нов земјотрес на Крит – дел од жителите ноќта ја поминаа на отворено

Дел од жителите на неколку општини во југоисточниот дел на грчкиот остров Крит, ноќта ја поминаа на отворено по вчерашниот силен земјотрес со интензитет од 5,8 степени, додека пак утрово беше регистриран уште еден потрес од 5,3 степени, јави дописничката на МИА од Атина.

Според локалните медиуми од Крит, новиот земјотрес што се случи околу осум часот утрово, предизвика дополнителна материјална штета на објектите кои и вчера претрпеа штета.

По вчерашниот земјотрес, беше најавено дека ќе бидат поставени шатори со капацитет да примат 2.500 лица, а дел од жителите чии домови претрпеа штета, ноќта ја поминаа во шаторите, додека пак училиштата во погодените области од вчера се затворени.

Од Министерството за климатска криза и цивилна заштита на Грција соопштуваат дека вчерашниот земјотрес, веројатно е и главниот, но бидејќи ваквите потреси најчесто се проследени од интензивна сеизмолошка активност, апелираат до граѓаните да ги избегнуваат објектите кои се оштетени, па дури и да се мали, и да ги следат упатствата на надлежните.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, од Париз каде што утрово ќе се сретне со францускиот претседател Емануел Макрон, директно ќе замине за Крит за да ги посети деловите погодени од земјотресот.

Во вчерашниот земјотрес јужно од градот Ираклио, животот го загуби едно лице, а 12 беа повредени.

Back to top button
Close