Нова академска година со стари проблеми: „Кузман“ и „Стив“ сè уште се реновираат, а кириите достигнуваат до 350 евра
Останаа само неколку недели пред почетокот на новата академска година, меѓутоа проблемите со кои се соочуваат студентите остануваат исти. Наместо да се подготвуваат за предавања и испити, многу млади луѓе се принудени да водат трка со времето за да најдат место каде ќе живеат, пишува Фокус.
Два студентски домови во Скопје, „Кузман Јосифовски – Питу“ и „Стив Наумов“, и годинава остануваат под клуч поради нивна реконструкција, иако е најавено дека ќе бидат отворени пред почетокот на вториот семестар, тоа значи дека студентите ќе останат без државно сместување најмалку за целиот прв семестар.
За новата академска година ќе бидат обезбедени вкупно 2.544 легла, што е значително помалку од потребното за да се сместат сите студенти кои доаѓаат од други градови. Намалените капацитети уште еднаш го отвораат прашањето за достапноста на студентското сместување и го зголемуваат притисокот врз младите кои, наместо во студентски дом, се принудени да бараат приватно сместување по високи цени. Во меѓу време кириите пораснаа, особено во општините што се најблиску до универзитетските кампуси – Карпош, Центар, Автокоманда, Кисела Вода и Аеродром, цените се движат од 250 до 350 евра.
Од Универзитетското студентско собрание на УКИМ велат дека ситуацијата е загрижувачка и бара итно дејствување од институциите. „Поради тоа што два студентски дома се уште се реновираат капацитетот на легла во градот не е целосен. Дополнително сметаме дека треба да се размислува и за отворање на нови домови (јавни, јавно-приватни, приватни) поради тоа што најголем дел од студентите во државата доаѓаат да студираат во Скопје, а висината на кириите од година во година е се повисока.“ велат од УСС УКИМ.
…