Нова анкета на Њујорк Тајмс: Трамп и Харис речиси изедначени

Републиканскиот кандидат на претстојните претседателски избори во САД, Доналд Трамп и неговата демократска ривалка, потпретседателката Камала Харис, се практично изедначени во однос на популарноста во последните недели, покажуваат резултатите од истражувањето спроведено од „Њујорк тајмс“ и колеџот Сиена.

Трамп води со еден процентен поен, 48 наспроти 47 отсто во однос на Харис, покажа истражувањето, што е разлика во рамки на маргина на грешка од три поени. Тоа значи дека кој било од двајцата би можел да победи на 5 ноември.

Додека кампањата на Трамп претрпе релативно тежок период во неделите откако американскиот претседател Џозеф Бајден се повлече од трката во јули, најновите анкети покажуваат дека неговата поддршка е стабилна. Анкетата покажа дека гласачите сметаат дека треба да дознаат повеќе за Харис, додека нивните мислења за Трамп беа во голема мера утврдени.

Околу 28 отсто од анкетираните гласачи изјавиле дека им се потребни повеќе информации за кандидатката на демократите, додека само девет отсто го рекле истото за Трамп. Анкетата покажува дека претседателската дебата во вторник би можела да биде клучен момент во кампањата на кандидатите.

Back to top button
Close