Нова дипломатска понуда од Иран додека САД разгледуваат воена опција објави Скопје1.мк

Иран најави дека е подготвен на одредени отстапки во врска со својата нуклеарна програма во преговорите со САД, во замена за укинување на санкциите и признавање на правото на обогатување ураниум за мирољубиви цели, во обид да се избегне можен американски воен напад.

Според висок ирански функционер, кој говорел за агенцијата „Ројтерс“, Техеран сериозно ќе ја разгледа можноста половина од највисоко обогатениот ураниум да биде испратен во странство, остатокот да биде разреден, а земјата да учествува во формирање регионален конзорциум за обогатување. Ова е првпат Иран да понуди нови отстапки по завршувањето на последната рунда преговори минатата недела, кога се создаде впечаток дека позициите на двете страни се сè пооддалечени.

Иранските власти, според истиот извор, бараат САД да го признаат правото на Иран на „мирољубиво нуклеарно обогатување“ во рамки на евентуален договор што би предвидувал и постепено укинување на економските санкции. Клучна точка на несогласување, како што се наведува, остануваат опсегот и механизмот за укинување на санкциите, за кои двете страни имаат различни очекувања.

Дополнително, Иран понудил американските компании да учествуваат како изведувачи во големи проекти во иранската нафтена и гасна индустрија, како дел од поширок економски пакет.

„САД може да биде економски партнер на Иран, но ништо повеќе“, изјавил функционерот, нагласувајќи дека Техеран нема да се откаже од контролата врз своите нафтени и минерални ресурси.

Вашингтон, пак, гледа на обогатувањето ураниум во рамки на Иран како на потенцијален пат кон развој на нуклеарно оружје. Иран категорично негира дека има такви намери и инсистира дека неговата програма е исклучиво за цивилни цели.

Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, најави дека очекува средба во Женева со специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, додавајќи дека и понатаму постојат „добри можности“ за дипломатско решение.

Во меѓувреме, претседателот Доналд Трамп изјави дека разгледува ограничени воени удари, додека американската страна бара и ограничувања на иранските балистички ракети со долг дострел и прекин на поддршката за регионалните сојузнички групи.

Техеран ги отфрла разговорите за својата ракетна програма и сигнализира дека прашањето за регионалните сојузници не претставува „црвена линија“, но останува предмет на чувствителни преговори.

Додека САД ја зголемуваат воената присутност на Блискиот Исток, иранските власти предупредија дека во случај на напад ќе одговорат со удари врз американски бази во регионот. Сепак, последните сигнали од Техеран упатуваат дека дипломатијата останува отворена како алтернатива на воена ескалација.

Извор: skopje1.mk

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close